Македонија
20. March 2022 - 16:33

За 100.000 хектари намалена земјоделската површина во државата во последните 20 години

За 20 години земјоделските површини во државата се  намалени за околу 100.000 хектари. 

За експертите ова е само еден во низата фактори кои придонесуваат производството на храна се повеќе да биде зависно од увоз, наместо најголемиот дел од стратешките култури да ги  добиваме од сопствено производство. 

Според професорот Душан Спасов од земјоделскиот факултет при УГД Гоце Делчев, едно од решенијата е во зголемувањето на приносите по единица површина преку воведување на плодоред и нови поиздржливи сорти, но и примена на државната стратегија која постои, но само на хартија. 

-„На секои седум години имаме национална стратегија за развој на земјоделието и рурален развој. Тие стратегии доволно е да се имплементираат и сигурно нема да дошло до таква состојба во која сега е земјоделието, да бидеме многу увозно зависни, вели Професор д-р Душан Спасов - Земјоделски при УГД Гоце Делчев. 

Според професорот Спасов проблем се и хидро мелиоративните системи градени во седумдесетите години од минатиот век во чија обнова не се вложува. Смета дека нивната реконструкција ќе значи многу за  намалување на производствените трошоци, зголемувањето на приносите и намалување на зависноста од увоз кај голем број култури.

-„Ние во Македонија според пишаните документи моментално имаме брани, односно мелиоративни системи за наводнување некаде за 120 до 126 илјади хектари. Јас сретнав еден податок дека моментално од овие системи за новоднување се наводнуваат само околу 25. 000 хектари. Значи може да замислите кои се тие капацитети што не се користат заради зголемувањето на приносите на културите. Самите постоечки мелиоративни системи ако се рехабилитираат, ако се реконструираат со нив можат да се зафатат не 126 000, јас сум убеден дека дупло повеќе површина може да се зафати, вели професорот Спасов.

За успешни земјоделски политики потребни се комплекс од мерки кои ќе се имплементираат но и зајакнување на синџирот помеѓу производителите, државата и науката кој речиси и да не функционира, вели професорот Спасов. 

Според него во целиот овој процес општините не треба да бидат изземени, туку и тие да добијат свои надлежности, посебно во регионите во кои земјоделието е основа на целокупното стопанство.