Македонија
30. December 2025 - 21:15

За 8 години тројно намален и бројот на железнички линии и на патници

Стари и руинирани возови, прагови изградени уште во 62-та година. Укинати меѓународни линии, скратени домашни. Состојбата е лоша, вели првиот човек на патничкиот железнички сообраќај, Јовановски. Причината ја гледа што изминативе 7,8 години во неа не се инвестирало ни денар. Од 30 патнички и 30 товарни возови дневно, сега едвај има 10 линии. Драстично е намален и бројот на патници.

- Изминативе 20 години бројот на патници постојано се намалува, затоа што постојано се укинуваат линии. Драстично опаѓа последните 7,8 години, бидејќи железницата беше оставена на цедило, ништо не се инвестираше, последните локомотиви купени во 2015-та година, беа уништени. Од 100 илјади патници месечно, наследивме по 10 илјади. Но, успеавме за кратко време да го зголемиме бројот на 30 илајди. Во моментов просекот ни е 18 илјади патници, поради објективни прични, однсно поплавите во Маркова река, кои однесоа дел од пругата, изјави Горанчо Јовановски, директор на Патнички сообраќај.

Но, Јовановски е оптимист. Од следната година ќе се врати брзата линија за Битола, а возови ќе сообраќаат и кон Кичево и Кочани. Со соседите се преговара повторно да се воведат меѓународните линии

- Во интензивни преговори сме со соседите за да се вратат меќународните линии, кои за жал 6,7 години не функционираат. За почеток планираме по една дневно за Белград, Солун и Приштина, па како ќе се реконструират пругите од нивна и од наша страна, да има и по две линии дневно, додава Јовановски.

Најавата за изградба на брза пруга на Коридор 10, на која ќе се вози со 160 километри на час и ќе го поврзе Скопје со Белград и Солун, би значело многу за домашната економија. Граѓаните најбрзо и најбезбедно ќе стигаат до саканите дестинации, а железницата би добила модерен изглед. Тогаш ќе морало да се стават нови шини, и да се набават нови локомотиви, односно гарнитури.