Македонија
15. October 2026 - 16:31

За еден ден 25.000 пријави за вакцинација против сезонски грип

За еден ден се пријавиле приближно толку граѓани колку што министерството здравство засега има обезбедено вакцини. Според најавите идната недела ќе почне вакцинацијата против сезонски грип со првата количина од 30.000 дози добиени како заем од Албанија преку УНИЦЕФ според веќе утврдена меѓународна соработка. Станува збор за тривалентна вакцина од Јужнокорејски производител.

Бесплатната вакцинација е наменета за постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како и деца од 6 месеци до 5 години.

Во главниот град каде има и најмногу пријавени ќе се вакцинира во Центарот и Институтот за јавно здравје и во три Поликлиники.

-Тоа се Поликлиниките Бит Пазар и Идадија со работно време од 8 -19 часот и Поликлиниката Ѓорче Петров со работно време од 14 -19 часот. Во ризични групи се опфатени и лицата и вработените во установите за социјална заштита на стари лица. Оваа бесплатна вакцинација т.н теренска имунизација ќе се спроведува од страна на вработени во Здравствен дом Скопје, изјави д-р Каролина Ристова Стефановска, раководител на сектор за превентивна заштита во ЗД Скопје.

Надлежните апелираат граѓаните да се придржуваат на термините и локацијата кои ќе ги добијат преку СМС порака.

Здравствените власти информираа дека уште 26.000 дози од францускиот производител Санофи треба да стасат до 15 ноември, а разговорите за останатите  24.000 биле во тек, за да се стигне до ланската бројка од 80.000. Во однос на приоритетни групи за вакцинација, истите ќе бидат утврдени на Комисија за имунизација, велат од министертсвото.