За развој на бизнисот е важна идејата
Старт ап компаниите се основа за развој на економијата. Иновативните идеи со потенцијал за брз раст и проширување надвор од границите на земјата, им даваат додадена вредност на производите и услугите на микро, малите и средните претпријатија, но и придонесувват за подобрување на домашната бизнис клима.
-Сите ние сме иновативни, а тоа значи дека нашето работење го гледаме подалеку од Македонија, но нашите бизниси се сместени и функционираат во Македонија. Секоја година во Македонија има се повеќе и повеќе старт апи кои се појавуваат со похрабри идеи и многу е добро што се појавуваат и многу програми за поддршка на оваа старт ап сцена- изјави Елизабета Јовановска, креатор на платформата „Best online assistant“
Проектот „ЕУ за економски раст“, имплементиран од ГИЗ, поддржа забрзани или акцелераторски програми, за 14 старт ап компании од 3 плански региони и регионот Преспа, кои за краток рок од 3 до 4 месеци им овозможи да се стекнат со вештини и најдобри пракси, како нивните бизниси да ги подигнат на повисоко ниво и станат интересни за инвеститорите.
-Во нашата програма старт апите не само што добиваат професионална, експертска, и менторска поддршка, добиваат и инвестиции, но и насоки и знаења како да растат подобро и побрзо-изјави Гого Рафајловски, 700 Акцелератор– Тетово.
-Најголем предизвик беше што сакавме да направиме акцелераторска програма за старт апи во еден традиционален сектор, како што е земјоделството во Македонија и исто така во еден регион кој има огромен потенцијал, но му треба повеќе внимание, а тоа е преспанскиот регион-изјави Маријана Милевска, ПРЕДА Плус Акцелератор - Ресен.
-Им помагаме да ги освојат пазарите, дали се тоа локални, национални или регионални пазари и да можат да соберат инвестиции и од други инвеститори надвор од нашата земја- додаде Рафајловски.
Старт ап компаниите ги презентираа своите бизнис идеи пред потенцијаните домашни и странски инвеститори, кои пак ги образложија критериумите кои ги бараат за идната инвестиција.
-Најважните аспекти се, дали старт апот го има вистинскиот тим, дали има проблем кој треба да се реши и дали продуктот кој е предложен, со тимот кој сака да го направи, може да се реши на економски корисен начин, изјави Никола Серафимовски, инвеститор и основач на платформата „GlobalMacedonians“ за поврзување на дијаспората на меѓународно ниво.
Освен инвестиции од приватни инвеститори, старт ап компаниите ќе добијат финансиска поддршка за обезбедување на потребната инфраструктура и деловни услуги и преку проектот „ЕУ за економски раст“.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар