Македонија
21. February 2026 - 10:19

Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум

Основното јавно обвинителство Струга предложи определување мерки на претпазливост -забрани на две правни лица од Велешта да ги посетуваат парцелите во селото Шум каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.

Како што се наведува во соопштението, преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнале работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите.

Поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш доставил предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.

-Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, се додава во соопштението.

MИА