Македонија
27. April 2026 - 16:38

Забраната за двојните државјанства заглави во комисиите

Предлогот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за укинување на двојните државјанства за пратеници заглави во собраниските комисии. Матичната комисија – политички систем нема закажано продолжение на амандманската расправа за измените на Законот за пратеници, додека пак законодавната комисија, иако закажана, нема да расправа по него.

„Денеска ЗПК ќе продолжи со точката минерални суровини по завршување на матичното работно тело. За другите точки, меѓу кои и Законот за пратеници, нема услови да ги разгледуваме на ЗПК“, ни одговори претседателот на Комисијата.

Иако според новиот Деловник амандманската расправа трае само пет дена, за овој закон нема временско ограничување кога расправата да заврши.

„Одредбата од ставот (2) на овој член нема да се применува на Изборниот законик, Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, Законот за Собранието на Република Северна Македонија, Законот за пратениците и Законот за финансирање на политичките партии“, стои во членот 156 од Деловникот.

Над 150 амандмани, најголем дел од ДУИ и помалку од СДСМ, дополнително го усложуваат процесот и оставаат простор законот да заглави без деловничко ограничување.

Опозициската СДСМ пак, цени дека блокадата доаѓа од самата ВМРО-ДПМНЕ, остануваат на нивниот предлог и министрите да бидат изземени од двојните државјанства.

„ВМРО-ОКГ одбива да го усвои предлог-законот со кој се забранува двојно државјанство за пратеници, членови на Влада и претставници на извршната власт. Зошто? Затоа што половина од нив веќе имаат бугарски пасоши. Министри, градоначалници, пратеници, директори на јавни претпријатија од ВМРО-ОКГ, сите тие се обезбедиле со бугарско државјанство“, изјави Петар Огњеновиќ – член на Извршен одбор СДСМ.

Премиерот Мицкоски пак, вели дека ако правото дозволува, нема против укинување на двојни државјанства и за владините членови.

„Ако правните експерти, правно-уставните експерти, велат дека нема никаков проблем, тогаш апсолутно поддржувам. Јас немам двојно државјанство ниту, пак, имам намера да имам двојно државјанство. Моето државјанство е македонско и да, нека се прошири ако тоа го дозволуваат законот и Уставот, јас немам ништо против“.

Мицкоски останува и на предлогот за измените на Законот за Влада за укинување на техничката влада на вторите по ред парламентарни избори, независно од најавите на СДСМ дека ќе го блокираат Изборниот законик. Според него, нема простор за политичка криза дури и ако партијата на Филипче го напушти парламентот.

И покрај тоа што и тие не се согласуваат со владините политики, од ДУИ засега не планираат бојкот во работната група за Изборниот законик.