Заев и Мицкоски договорија одложување на пописот за во септември, локалните избори во втората половина на октомври
Пописот се одлага. Статистичката операција на терен ќе се спроведува од 5-ти до 30-ти септември, откако голем дел од населението ќе биде вакцинирано за заштита од коронавирус. Ова е клучниот договор од средбата на лидерите Заев и Мицкоски.
Двајцата лидери имале успешна средба и за други прашања. Утре во Собранието влегува Изборниот законик за набавка на читачите на отпечатоци од прст кои треба да гарантираат фер и демократски избори. Работни групи на власта и опозицијата пак, ќе работат на другите изборни реформи: Отворени листи за советници за локални избори, една изборна едница за парламентарни избори, забелешки од ОБСЕ/ОДИХР.
Договорено е и да се одблокира работата на парламентот. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе прави кворум и ќе дава поддршка за сите закони кои се поврзани со справување со здравствените и економските последици од КОВИД пандемијата.
За постигнатиот договор Заев ги информирал и албанските партнери во владата ДУИ и БЕСА.
Сите прашања ќе бидат отворени и на средба на премиерот со останатите парламентарни партии, во Собранието во среда. Заев ќе има средба и со Алијанса на Албанците и Алтернатива за законот за државјанство за целосна деблокада на парламентот.
Прашањето за некаква широка или пак, експертска Влада не било отворено на средбата.
На средбата било разговарано и за количините на вакцини кои ќе ги добие државата и за текот на вакцинацијата.
Заев и Мицкоски договориле и во иднина доколку има потреба ќе има и нови лидерски средби.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
