Македонија
21. December 2023 - 16:53

Загадениот воздух ги полни болниците со пациенти

Дишењето на токсичниот воздух во Скопје и поголемите градови во државата ги полни болниците. Најмногу на удар се лица со хронични болести за кои аерозагадувањето не само што е штетно туку е и причина да добијат потешка клиничка слика и да завршат под медицицински третман. Нема слободен кревет за хоспитализација на Пулмологија, а секојдевни гужви има и во приоритетната амбуланта на клиниката. 

- Во целост функционира оваа амбуланта и има од 20 до 30 прегледи дневно. Таа не е само за последиците од аерозагадувањето туку и за оние кои немаат Мој Термин, но имаат итна потреба од преглед, вели проф. д-р Дејан Докиќ, директор на Клиника за Пулмологија.

За последиците по здравјето од аерозагадувањето се зборува со години, но освен лошата статистика за големата смртност, решение не најде никој. Им останува на лекарите да ги советуваат пациентите да седат дома кога е најзагадено или ако е неопходно да носат маски.

- Загадениот воздух на некој начин фаворизира полесно инфицирање со вируси и бактерии. Тоа е и докажано во научни публикации. Едно со друго заедно одат и се причина за зголемениот број на пациенти. Тоа се пациенти со астма, со хронична белодробна болест, фиброза но и кардиолошки пациенти имаат влошувања, вели д-р Докиќ. 

Кашлица, отежнато дишење и свирење во градите се најлестите тегоби што ги чуствуваат граѓаните од аерозагадувањето. Тие го плаќаат данокот по здравјето, лекарите ги третираат последиците а засега никој не интервенира на причините. 

Освен опасните ПМ честици, и вирусите се причина за полни ординации и болници овој период.