Загадениот возух, сушите и топлотните бранови - главна закана на децата во Македонија, алармира извештај на УНИЦЕФ

Децата во Северна Македонија се сè поизложени на повеќе климатски закани истовремено. Мнозинството од нив се погодени од топлотни бранови, суши и загаден воздух, според новиот глобален извештај на УНИЦЕФ, се наведува во денешното соопштение.
- Извештајот за климатски ризици кај децата за 2026 година открива дека заканите што доаѓаат од климатските промени се широко распространети во Северна Македонија и веќе влијаат врз здравјето, развојот и благосостојбата на децата. Околу три четвртини од нив се засегнати од суши - 73 проценти, речиси девет од десет деца се изложени на топлотни бранови - 87 проценти и речиси сите деца - 99,9 проценти, се изложени на штетно загадување на воздухот - се истакнува во соопштението.
Според Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ, децата во Северна Македонија растат во клима што се менува, каде што екстремната топлина, сушите и загадениот воздух, за жал, се дел од секојдневниот живот.
- Земјата има воведено важни мерки за заштита на децата, но, климатските притисоци растат и нивното штетно влијание врз детското здравје, образование и благосостојба треба итно да се намали - се нагласува во пишаната изјава.
Во извештајот се истакнува дека поголемиот дел деца во Северна Македонија се изложени на повеќе климатски закани истовремено, со што се зголемува ризикот од повеќекратна штета по нивното здравје, учење и целокупен развој.
И покрај напорите за намалување на ранливоста на децата, како што се наведува, во системот и понатаму има недостатоци, особено во опфатот со социјална заштита, па така децата од најзагрозените семејства се во најголем ризик од климатски шокови.
УНИЦЕФ повикува на итна климатска акција во Северна Македонија што ќе се фокусира на децата, бидејќи децата се несразмерно поранливи на климатски ризици и затоа мора да им се даде приоритет во политиките за справување со климатските промени.
- Потребни се континуирани активности за дополнително да се намалат штетните емисии и да се реши загадувањето на воздухот, да се зајакнат здравствените, образовните и системите за социјална заштита и нивната отпорност на климатски шокови, а децата и младите да се охрабрат и да се подготват за учество во решавањето на климатската криза и во процесите на донесување одлуки што ја обликуваат нивната иднина - се додава во соопштението.
Според Милер, заштитата на децата од климатските ризици е итна потреба, но и можност.
- Со инвестирање во квалитетни услуги денес, Северна Македонија ќе ги заштити правата на децата и ќе изгради поодржлива иднина за сите - пишува во соопштението на УНИЦЕФ.
МИА
Ново на Сител
-

Се предлага зголемување на помошта за новороденчиња: 18.450 денари за прво, 36.900 за второ и 52.275 денари за трето дете
-

Ги запалил дипломатските возила и побегнал - Поднесено обвинение за нападот пред Бугарската амбасада
-

„Ладна Вода“ нов партнер на македонските фудбалски репрезентации
-

Собрани три тона отпад во акција за чистење на булеварот „Борис Трајковски“
-

Јаневска: Ранг-листите за студентските домови се јавно објавени, тврдењата за нивно криење се дезинформации
-

Јавните обвинителства лани поднеле 334 повеќе обвиненија во споредба со 2024
-

Савески: Еден обвинител работи за тројца, но квалитетот на одлуките не е нарушен
-

74-годишен маж нападнат од неговиот син во Виница
