Загрижувачки резултати: Само третина од 15-годишниците во земјава имаат основни познавања за математика, читање и наука

Македонските ученици постигнале пониски резултати од просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области - математика, читање и наука, како и во делот за решавање компјутерски проблеми, покажува тестирањето, кое ги мери вештините за решавање проблеми и примената на знаењето во реални ситуации.
Според најновите резултати од меѓународното оценување на учениците ПИСА 2025 забележан е пад на перформансите во читањето и математиката на глобално ниво. Во Македонија, 15-годишните ученици имаат пониски резултати по математика во споредба со 2022 година, додека постигнувањата по читање и наука остануваат на приближно исто ниво.
Тестирањето ги мери вештините за решавање проблеми и примената на знаењето во реални ситуации, покажало и дека учениците во земјава постигнале пониски резултати од просекот во сите три главни области, како и во делот за решавање компјутерски проблеми. Исто така, од тестирањето може да се види и дека најголем дел од учениците во земјава се соочуваат со сериозни недостатоци во основните вештини.
Во делот на математиката само 32 отсто од учениците достигнале барем основно ниво на познавање. Просекот на ОЕЦД изнесува 65 проценти. Но, истотака, околу 1 процент од учениците во Северна Македонија постигнале најдобри резултати во математика, што значи дека постигнале ниво 5 или 6 на тестот за математика.
Кај науката, околу 36 проценти од учениците во земјава ги совладале основните концепти. Резултатите од ова спроведено тестирање покажуваат и дека овие ученици можат да го препознаат точното објаснување за познати научни феномени и можат да го користат таквото знаење за да идентификуваат, во едноставни случаи, дали заклучокот е валиден врз основа на дадените податоци.
Но, во извештајот се потенцира дека во оваа област ниту еден ученик не се искачил на највисоките нивоа 5 или 6.
Околу 26 проценти од учениците во Северна Македонија постигнале ниво 2 или повисоко во читање, но, нити еден од тестираните ученици не ги достигнале највисоките нивоа.
-Како минимум, овие ученици можат да ја идентификуваат главната идеја во текст со умерена должина, да најдат информации врз основа на експлицитни, иако понекогаш сложени критериуми и можат да размислуваат за целта и формата на текстовите кога се експлицитно насочени кон тоа - се наведува во резултатите.
Во објавениот извештај со резултатите од ова тестирање се наведува дека во периодот од 2022 до 2025 година е забележано зголемување на јазот меѓу 10 проценти од учениците со најдобри резултати и 10 отсто од оние со најслаби постигнувања во сите три области – математиката, читањето и природните науки.
Во однос на употребата на технологијата, дури 33 проценти од учениците во Северна Македонија пријавиле дека нивните соученици често се расеани од дигиталните уреди за време на часовите по наука, што директно се одразува врз постигнувањата – оние кои пријавиле дигитално расејување постигнале во просек за 22 поени пониски резултати.
Во обид да го сузбијат овој проблем, се наведува во извештајот 60 отсто од училиштата во земјава вовеле забрана за користење мобилни телефони.
Истовремено, вештачката интелигенција станува секојдневие за македонските ученици. Дури 44 проценти од нив изјавиле дека користат вештачки чет-ботови за училишни задачи барем еднаш неделно, главно за прелиминарни истражувања, сумирање текстови и подготовка на писмени состави.
Иако социо-економскиот статус останува фактор за успехот, тој во Северна Македонија сочинува 7 проценти од варијацијата во научните достигнувања, што е помалку од просекот на ОЕЦД (12%). -Околу 18 отсто од учениците во неповолна положба во Северна Македонија беа во можност да постигнат резултати во највисокиот квартал од научните достигнувања.
Овие ученици може да се сметаат за академски отпорни бидејќи, и покрај нивната социо-економска неповолна положба, тие постигнале образовна извонредност во споредба со учениците во нивната земја - се наведува во извештајот.
Позитивен тренд е забележан кај односот со наставничкиот кадар, каде 80 отсто од учениците наведуваат дека наставниците покажуваат интерес за нивното учење и им даваат дополнителна помош. Од друга страна, забележан е пад на семејната поддршка и дискусиите за училишните проблеми во домашниот амбиент во споредба со 2022 година, како и зголемување на стапките на отсуство од часовите и доцнење на училиште.
Оценувањето ПИСА 2025 во Северна Македонија е спроведено врз репрезентативен примерок од 6 977 ученици од 124 училишта, претставувајќи околу 90 отсто од целата популација на 15-годишници во земјата.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Зоран Јовановски, економист
-

Перпарим Бајрами се предаде на полицијата по речиси две години бегство
-

Истражување - Македонските ученици се полуписмени
-

Мицкоски: Сите настани за независноста ги чинеа граѓаните нула денари
-

Мицкоски и СДСМ во нова политичка препирка по пораката за „талогот“
-

Нафтата надмина 100 долари за барел - премиерот најави мерки, ако поскапувањето на горивата продолжи
-

Пола милијарда долари во зелена енергија
-

Михаил спаси семејство од давење
