Македонија
3. јуни 2024 - 16:37

Замениците ги преземаа министерствата

На министерските функции во речиси сите министерства со кои раководеа сега веќе новопечените пратеници, дојдоа нивните заменици.

Преку официјален допиис прва се повлече Славјанка Петровска, а сега министер за одбрана е Тигрон Јајага, од ДУИ се до изборот на нова Влада.

Со верификацијата на пратеничкиот мандат на 28.05 на  министерката за одбрана Славјанка Петровска и заврши функцијата. До изборот на нов министер, со Министерството за одбрана во полн капацитет ќе раководи заменик министерот Тирон Јајага, информираа од одбрана.

По Славјанка, и од транспорт и врски го официјализираа повлекувањето на Бочварски од министерската функција.

По верификацијата на пратеничкиот мандат на досегашниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски, се до избор на нов министер, со министерството ќе раководи заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи. Во овој период, согласно законските прописи, заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, ќе ги извршува тековните активности за непречена работа на министерството.

И Љупчо Николовски, го предаде министерското место на неговата заменичка Вјолца Бериша.

Во овој период, согласно овластувањето од 27.05.2024 година, заменик министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша, во целост може да ги извршува тековните активности за непречена работа на министерството, а веќе извршена е и измена и во Централниот регистар.

Бисера Костанидовска Стојчевска, за Сител вели дека уште кога и бил верифициран мандатот за пратеник, целосната одговорност на министерство за култура припаднала на заменик министерот. Но Костадиновска Стојчевска, овој викенд доделуваше награди во Битола од министерството за култура, на Интернационалниот фестивал на монодрама.

Експертите по уставно право велат дека Собранието треба да ја опомене пратеничката Костадиновска Стојчевска, бидејќи нејзиниот мандат како министер завршува штом ќе и биде верифициран пратеничкиот мандат.

Фатмир Битиќи, вицепремиерот за економски прашања за Сител вели дека штом бил избран за пратеник, повеќе не одел во Влада, но ќе го чека примопредавањето на функциите.

Само Илир Демири, не се изјасни официјално дали неговата заменичка Маја Манолева дошла на министерската функција, откако тој стана пратеник.

Техничкиот премиер Талат Џафери, иако стана пратеник останува на ставот дека ќе биде технички премиер се до избор на новата Влада бидејќи на тоа како што тврди тој го обврзало Собранието.

Функцијата пратеник е неспојлива со министерската и премиерската функција, а според Изборниот законик дента кога им се верифицираат мандатите за пратеници на оние кои биле министри, министерската функција им престанува, и според закон и според Устав.

Од Антикорупциска најавија дека ќе отворат предмет за сите кои нема да постапат по укажувањето да се повлечат од претходните функции откако станаа пратеници, и ќе бидат соочени со прекршочна казна.