Македонија
9. February 2026 - 14:05

Заменик министерот Исени и францускиот амбасадор Де Риголер на отворањето обука за борба против подведување и трговија со луѓе

Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска во Центарот за обука - Идризово ја отвори обуката за борба против подведување и трговија со луѓе. Обуката ќе трае до 12 февруари, а учествуваат 12 полициски службеници и јавни обвинители, информираа попладнево од Министерството за внатрешни работи.

Исени во обраќањето истакнал дека трговијата со луѓе и подведувањето претставуваат едни од најтешките облици на организиран криминал, што сериозно ги нарушуваат човековите права и достоинството на жртвите, нагласувајќи дека е неопходен интегриран и координиран институционален пристап за нивна ефикасна превенција, откривање и санкционирање.

Тој потенцирал дека обуката има за цел да обезбеди практични знаења и алатки за препознавање на индикаторите за овие кривични дела, правилно постапување во случаи на сомнеж и навремена заштита и поддршка на жртвите, како и унапредување на соработката меѓу полицијата, судовите и обвинителствата.

На настанот присуствувале и амбасадорот на Француската Република во Скопје, Кристоф Де Риголер, како и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Стрезоски.

Исени упатил благодарност до Француската амбасада за долгогодишната поддршка и соработка во јакнењето на капацитетите на полициските службеници.