Здравство со допис до училишта – невакцинирани деца да одат во пунктовите за имунизација
Над 4000 деца во Скопје не се заштитени од голема кашлица, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје. Но, оваа бројка на невакцинирани со Ди-Те-Пер е сигурно многу поголема бидејќи во анализите немаат податоци од Карпош и Центар каде опфатот со вакцинација е опаднат.
- Тоа се бројки со сите дози на вакцини, вкупен број е тоа. Не треба да чекаме да ни се појават вакцинопревентабилни болести, болести кои можат да се спречат со вакцини, процесот на вакцинација тече континуирано и треба редовно да се спроведува, вели д-р Кети Ставридис од Институт за јавно здравје
Денеска во училишта стигнуваат пораки од Министерството за здравство сите ученици кои немаат вакцини да одат во пунктовите. Не можат да бидат вратени од настава бидејќи образованието е задолжително и уставно загарантирано право исто како што и вакцинацијата е законска обврска. Во градинките, пак, немаат добиено известување дека има епидемија за да ги враќаат невакцинираните, но техничкиот министер за труд и социјала вели има вонредни контроли.
- Во моментот правиме контрола за да нема дечиња кои ги немаат сите документи во прилог на досието. Значи тоа е првиот начин со кој може да спречиме да нема проширување и дечиња што не се вакцинирани да одат во градинка, вели Ѓоко Велковски, технички министер за труд и социјала
Опасната голема кашлица не ги одминува и вакцинираните и денеска во главниот град има нов случај на ученик во основно кој и покрај уредниот вакцинален статус е дијагностициран со пертусис. Бројките на заболени во Скопје се над 40 а поголем број од контактите се под епидемиолошки надзор. Во Козле на болничко лекување има три деца кои се во стабилна состојба.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар