Здравството во кома до изборите – стопирани вработувањата и нема поголеми плати за медицинскиот кадар
Стопирани вработувањата на “договорците” во здравството. Ова го соопшти новиот министер за здравство Илир Демири на првото појавување во јавност. Иако пред месец и половина Ковачевски, Меџити и Бесими најавија дека 1117 лица ангажирани со договор на дело ќе добијат решенија до распишување на изборите, сепак за тоа ќе чекаат да се формира новата Влада. Во меѓувреме на сите повторно им се дадени нови договори и ќе продолжат да работат за 12.000 денари и без здравствено осигурување.
-После изборите, обезбедени се средства од Министерство за финансии, ќе се пристапи кон отворање на конкурси да не се прекршуваат законските прописи и истите ќе бидат вработени, изјави Илир Демири, министер за здравство.
Демири најави дека ќе испрател и ревизија за вработувањата во гостиварската болница за каде има обвинувања дека се примени кадри по партиски директиви.
За повисока плата после изборите ќе чекаат сите вработени во здравството. Новиот министер не го потпиша анексот на колективниот договор, а самостојниот и синдикатот на клинички инсистираа тоа да се случи вчера до полноќ.
-Таму направена е една промоција за зголемување на плати, меѓутоа не е направена постапка за обезбедување на финансиска поткрепа и обезбедување на средства од буџетот, тоа е повеќе кажано како ветување, а не е исполнет критериумот. Остануваме должни, дали јас или идниот министер, тој договор мора да помине процедура, Министерство за финансии да се обезбеди финансиска конструкција и да се потпише после изборите, рече Демири.
Демири најави дека ќе ги продолжи проектите на Меџити, но признава дека поради изборите има врзани раце. Не добил честити од сопартиецот кого го наследи по расколот во Алијанса за Албанците.
-Зошто не ви честиташе?
-Па ќе треба да го прашате него, рече Илир Демири
-А примопредавање направивте?
-Не, не, одговори Демири
-А ќе ги продолжите неговите проекти?
-Да, Да, рече Демири...
Илир Демири е инфектолог, а пред да седне на министерското столче беше директор на Тетовската клиничка болница.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар