Свет
18. May 2026 - 16:16

Зеленски: Рускиот ноќен напад врз Днепар траеше повеќе од шест часа

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека рускиот ноќен напад врз Днепар и регионот траел повеќе од шест часа.

„Ракетниот напад оштетил станбена зграда, а друга цивилна инфраструктура била исто така сериозно погодена. Нападот, исто така, ги таргетирал енергетските објекти и станбените згради низ целиот регион“, рече Зеленски во објава на социјалната мрежа X.

Како што изјави, беспилотни летала ја погодиле и Одеса, а едно од беспилотните летала погодило брод во сопственост на Кина.

„Русите не можеа а да не знаат кој брод е на море. Вкупно, евидентирано е уништување во осум региони, а досега е пријавено дека десетици луѓе низ целата земја се повредени, вклучувајќи деца“, додаде тој.

Оваа година имаше забележителна промена во рамнотежата на дејствијата на фронтовската линија, а особено денес, индикаторите за активни дејствија на Одбранбените сили на Украина се повисоки од оние на руските сили, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

 

МИА