Земјоделците на протест побараа повисока цена за зелката и средба со министерот
Наместо на нивите градинарите од струмичко денеска излегоа на улица. Со трактори и приклучна механизација дојдоа во центарот на Струмица за да го искажат нивното незадоволство и револт од моменталната состојба во земјоделството, пред се откупот на пролетната зелка.Велат состојбата се повторува со години, а никој не презема ништо. Освен со ниските цени се соочувале и со манипулации во фактурирањето.
Градинарите бараат итна средба со министерот за земјоделие и директорот на земјоделскиот инспекторат, но и одговори зошто договорената недела цена од 20 денари која требало да важи до понеделник само за еден ден била спуштена на 15.
Министерот за земјоделство кој присуствуваше на доделувањето на договорите за набавка на високопедигриран добиток, прашан за протест одговори дека ја следат состојбата. Пласманот повеќе не бил проблем, а во делот на цените инспекторат бил постојано на терен и преземал се за да бидат заштитени производителите.
Земјоделците за време на викендот ќе очекуваат средба со министерот, доколку таа не се оствари до недела најавуваат радикализација на протестите и блокади на магистралните патишта.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар