Македонија
1. May 2026 - 16:31

Зголемен број на повици во скопската Брза помош поради временските промени

Температурните разлики го зголемија бројот на повици во скопската Брза помош. Овие денови граѓаните најмногу се жалеле на варијации на крвниот притисок и вртоглавици. Зголемен број на интервенции екипите имале и кај лица со мозочен и срцев удар.

- И денешниот ден имаме повеќе такви повици од постари луѓе, тие коис е со повеќе хронични болести. Последните денови имаме повеќе повици поради варијации на крвниот поритисок. За жал имаме 3-4 интервенции кај мозочни удари и 2-3 со инфаркти и се пренесени по клиниките во Скопје, изјави д-р Рихад Реџепи, шеф на смена во скопската Брза помош.

Покрај постарите, во Службата деновиве бележат и зголемен број на јавувања за лекарска помош и од помлади лица кои претходно немале проблеми со притисокот, ниту хронични болести. 

- Бидејќи зборуваме за луѓе кои немале некаков здравствен проблем ако немаат пристап до матичниот, слободно да се јават на 194 и никако да не земаат терапија на своја рака. Ја користам приликата да апелирам до граѓаните да бидат трпеливи кога разговараат со нас, зошто располагаме со мал број на екипи и мора да поставуваме повеќе прашања за да дојдеме до информации за состојбата, рече д-р Реџепи.

Од скопската Брза помош апелираат на поголема внимателност од страна на учесниците во сообраќајот поради зголемената фрекфенција на одредени места за продолжениот празничен викенд. Внимателни да бидат и пешаците, но и лицата кои управуваат тротинети зошто многу често паѓале или удирале во луѓе и автомобили.