Македонија
14. February 2021 - 16:47

Зголемен број сообраќајни несреќи и повреди како последица на снегот

Повеќе сообраќани незгоди низ државата, а едно лице го загуби и животот на патниот правец Гостивар - Кичево бележат од МВР откако од синоќа државата е во снежен бран. Снежните врнежи од синоќа и нерасчистените коловози, како и можната голомразица во наредните денови поради ниските температури се причина за повнимателно возење, предупредуваат од МВР.

Зголемен и бројот на граѓани кои побара медицинска помош поради сообраќајни незгоди и паѓања од снег и мраз.

Снегот од 10 до 30 центиметри кој наврна речиси на целата територија целосно ја блокираа државата особено планинските превои и споредните градски улици. Сообраќајот се одвива во зимски услови по влажни коловози или кашест снег и по магистралните и по регионалните патишта. Проблем прави и ветерот со наноси од снег и магла на одредени места.

Сликата во главниот град денеска се расчистени поголеми булевари, но и целосно затрупани со снег споредни улици, неисчистени тротоари, граѓани кои сами се обидуваат да го отстранат снегот.

Скопските општини и градот Скопје тврдат дека механизацијата и работниците се на терен од синоќа, а продолжуваат и денеска. По состанокот на кризниот штаб на градот, градоначалникот Шилегов тврди дека сите главни улици се проодни.

„Сите градски улици и булевари се чисти и проодни и никаде не е забележан застој на сообраќајот. Јавниот превоз се одвива без проблеми и нема одложени градски линии на ЈСП Скопје, а интензивно се расчистуваат снегот и мразот од тротоарите и од јавните површини“, пишува Шилегов на Фејсбук.

Граѓаните пак, им коментираат дека не се задоволни од сработеното и дека споредните улици и тротоарите се непроодни. Критични точки се уште се Црешево за каде од општината Гази Баба информираат дека ќе биде поставен и пункт за брза интервненција, потоа Водно, Жданец и Црниче, како и над Сопиште и Света Петка, за каде пак, во расчистувањето ан теренот ќе помогне градот Скопје.

Опозицијата обвинува за целосна неспособност на власта во справување со временските прилики.

И покрај проблемите што ги предизвика, снегот најмногу ги израдува најмалите.