Македонија
9. February 2024 - 16:41

Зголемен интересот за вакцинација со Ди-Те-Пер

Ширењето на големата кашлица и епидемијата во Скопје го зголеми интересот за вакцинација. Родители со деца уште од утринава чекаа ред во вакциналните пунктови.

- Да дојдовме за ревакцинација со ди-те-пер, вели родител

Градинките со допис до родителите ги потсетуваат да го ажурираат вакциналниот статус на нивните деца по препораката на Комисијата за заразни болести за забрана на прием на невакцинираните или некомплетно вакцинирани. Поради ова имаше и родители кои беа дојдени да проверат дали нивното дете ги примило потребните вакцини.

- Дојдовме да провериме дали детето ги има примено сите дози, вели друг родител.

Од Поликлиниката ‘Букурешт” велат дека само до 11 часот имунизирале 60-тина дечиња, а претхподно дневно давале 20 до 30 вакцини. Токму стравот од болеста која се карактеризира со силна и вознемирувачка кашлица и трае по 3 месеци, како и забраната за прием во градинка според лекарите се причини за зголемениот интерес за вакцинација со ди-те пер.

- Бројката ни е двојно поголема. Тука е нели стравот на родителите, но и мерката за забрана во градинките за невакцинираните, изјави д-р Сања Цилевска Младеновска, педијатар во вакцинален пункт во Поликлиника “Букурешт”

- Родителите најчесто прашуваат зошто да се примаат вакцините во толку рана возраст, кој е производителот на вакцините, кои се несаканите реакции од примената вакцина, изјави д-р Бети Гелејчевска Илковска, педијатар во вакцинален пункт во Поликлиника “Букурешт”

- Добивме насоки од министерството за здравство за започнување со работа во две смени и работа во сабота, изјави Силвана Миркоска, глевна сестра во Поликлиника “Букурешт”.

Од скопскиот центар за јавно здравје информираат дека потврдени се уште 4 нови случаи со што бројката се искачи на 26 заболени.

Во Клиниката Козле поради компликации хоспитализирани се 5 позитивни деца, а за 3 се чекаат резултати. Од установата велат дека сите се стабилни.

Две деца се на болничко лекување на Детската Клиника.