Жителите на подбеласичките села бараат решавање на проблемот со дива сеча
Поголем ангажман на институциите и зачестени контроли на терен, годишните планови за сеча на огревно дрво да се прават во консултација со локалното население и да се објават јавно. Ова се дел од барањата на жителите од подбеласичките села кои беа изнесени на локлниот совет за превенција во општина Ново Село, а со цел решавање на проблемот со дивата сеча на Беласица.
Барањето за интензивни контроли на терен го поддржува и државниот инспектор за шумарство, Трајче Ангелов. Смета дека тоа е најдоброто решение за намалување на бесправната сеча.
Транспарентност во годишните планови за шумска сеча бара и градоначалникот на општина Ново Село. Најави дека ќе иницираат учество во креирањето на новиот закон преку кој граѓаните и општината ќе имаат увид каде и како се планира сеча, но и како ќе се одржува шумскиот фонд. За регионите околу изворите во Мокрино и водопадот во Колешино ќе бараат прогласување на заштитени подрачја.
Проблемот со дивата сеча на Беласица беше отворен откако жителите на селото Колешино излегоа на протест. Тогаш тие се пожалија дека со масовното сечење на шумата над селото им се загрозуваат изворите со вода за пиење, но и безбедноста на куќите.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар