Македонија
22. December 2018 - 17:08

Жртвите на семејно насилство наместо да добијат заштита се приморани да се вратат кај насилникот

Жените се најчестите жртви на смејно насилство.  Тие најмногу  трпат психичко малтретирање. Статистиката покажува дека на годишно ниво во Македонија се регистрираат околу 800 такви случаи. Истражувањата на невладината организација Скај плус покажале дека само во струмичкиот регион  за девет месеци биле пријавени околу 300 случаи . Скоро сите пријави  завршиле само како поплаки, а поради немањето  институционален механизам за заштита на жртвите тие се принудени да се  враќаат кај насилникот. Малиот број на процесуирани кривични пријави на крај завршиле само со условна казна. Сакајќи  да укажат  токму на дел од  слабостите на системот  од Скај плус го реализираа документарниот филм ,,Жртви на семејно насилство, жртви на системот,,.

,, Жените кои што се жртви на семејно насилство се свесни дека се жртви и ним не им треба подигање на свест. Ние сакаме да допреме до институциите дека насушно ни е потребно малку посинхронизирано делување во однос на заштита, превенција и безбедност на жртвите од семејно насилство и силно верувам дека 2019 година ќе биде пресудна во однос на донесување на одлука за Истанбулска конвенција, правилата и нормативите кои што таа ги наложува да се применуваат и во земјава. Таму веќе немаме условни казни.,, вели СТОЈНЕ МИТЕВА – ЗГ СКАЈ ПЛУС

Дивна Стојанова е една од жртвите  на семејно насилство која  реши јавно да проговори за голготата низ која поминала, но и да упати апел до сите како неа да не молчат .

,, Најважно е жената да проговори за своите проблеми и да биде свесна дека таа не е виновна за се што се случува во семејството и да не се срамат да проговорат пред јавноста бидејќи тие не се сами, значи има многу како нив.,, вели ДИВНА СТОЈАНОВА

Од Скај плус велат дополнителен проблем е немањето на шелтер центар. Тој не постои во ниту една од десетте општини во Југоисточниот регион. Доколку некоја од жртвите одлучи да побара таква помош ќе мора да патува до Кочани кој е најблискиот град со шелтер центар. Истражувањата и реализацијата на филмот финансиски беа поддрѓани од општина Струмица.