Македонија
28. April 2026 - 16:37

Жртвите во „Пулс“ починале од труење со јаглерод моноксид

Труење со јаглерод моноксид е главната причина за смртта на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. На денешното судење, Јавното обвинителство ги презентираше обдукциските извештаи на Институтот за судска медицина според кои дури 80 проценти од жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.

Кај останатите десетмина, смртта настапила заради притисок на градниот кош, недостаток на кислород во просторијата, изгореници на дишните патишта и изгореници по телото.

На видео проектори поставени во судницата, обвинителството за секој од загинатите, поединичено ги презентираше причините за нивната смрт. Освен јаглерод моноксид, судска медицина испитувала и што друго довело до смрт, а одговорите на тие прашања денеска беа поделени на обвинетите.

Обвинителството тие податоци не ги презентираше бидејќи со нив се уште не се запознала одбраната, но адвокатите, во судницата открија дел од извештајот според кој кај починатите имало остатоци од цијанид, но и алкохол, марихуана и кокаин. На ваквите изјави бурно реагираа родителите, надвор од судницата рекоа дека нивните деца не починале од пороци.

„Нашите деца не се мртви од конзумација на алкохол и дрога. Причината за смрт, согласно досегашните наоди се поврзани со изложеност на чад, токсични гасови, услови кои доведуваат до задушување и тешка интоксикација, а со употреба на алкохол или други супстанци. Бараме ваквите тврдења веднаш да бидат поткрепени со официјални токсиколошки анализи или да се повлечат, како и судот да реагира соодветно со цел да спречи изнесување на непроверени информации во текот на постапката“, изјави Александар Наунов, родител. 

Обвинителството најави дека за причините како настапила смртта кај загинатите во Пулс, ќе биде повикан и лекар од Институтот за судска медецина за детално да образложи кои околности довеле до труење. За одбраната спорен беше начинот на кој се изведуваат материјалните докази, сметаат дека обвинителството ќе потроши пет години да ги презентира сите докази. 

Во судницата беа презентирани и повредите кои преживеаните ги заработиле во пожарот. Најголем дел имаат изгореници на главата, рамениците и рацете, други имаат изгореници на дишните патишта и нагмечувања по главата и градниот кош. 

На почетокот од судењето, одбраната на сопственикот на дискотеката, побара судот да му го укине притворот на Дејан Јованов бидејќи се влошила неговата здравствена состојба. Барањето ги налути родителите, па гласно извикуваа, „пуштете го, ние ќе му пресудиме“.