Зошто медикаменти со повеќе компоненти не се издаваат на рецепт - кога ќе се ревидира позитивната листа на лекови?
Пациенти со хронични заболувања за да пијат нови и современи лекови треба да имаат и подлабок џеб. Мора да ги купуваат на приватно бидејќи позитивната листа не е ревидирана повеќе од 15 години и на неа има апчиња кои во други земји се одамна надвор од употреба. На пример за третман на хипертензија, матичниот на рецепти препишува неколку медикаменти кои ги плаќа Фондот и се неопходни за регулирање на крвниот притисок. Но лек за истата болест кој има повеќе компоненти и е доволно само едно апче не е на позитивната листа. Со вакви небулозни ситуации секојдневно се соочуваат лекарите во ординациите и тоа за поголем број на дијагнози. И лица со алергии реагираат дека одредени спрејови можат да ги купат само со пари.
Според информации на Сител, во Министерството за здравство веќе е при крај правилникот за позитивна листа согласно кој ќе се раководат надлежните за додавање но и исфрлање на лекови. За десетина дена треба да биде формирана и Комисија од стручни лица која ќе одлучува која нова терапија да оди со рецепт.
Во 2012 тата година, Никола Тодоров формира дури 14 комисии за позитивната листа кои никогаш не проработеа. Венко Филипче ги укина и најави нова комисија но го фати пандемијата со Ковид-19 и современите лекови не стигнаа до пациентите.
Лекарите практикуваат медицина базирана на докази со стари лекови а ревидирање на позитивната листа е приоритет на секој министер за здравство кога ќе седне во фотелјата, како што е и изградбата на новиот клинички центар. Ниту има нови лекови на рецепти ниту пак се удрени темели на новиот комплекс.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
