Македонија
24. August 2025 - 16:52

19-ти „Марш на ангелите“ за правда

19-ти пат по ред, родителите, семејствата и пријателите на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ одржаа „Марш на ангелите“ во Кочани. Повторно болка, тишина и низ гнев порачаа до надлежните, дека 62 прерано изгубени животи не се статистичка бројка, туку 62 иднини украдени за миг и исто толку семејства завиени во црнина.

- Болката што ја носиме во себе не се мери со време, таа е незаменлива, длабока и вечна. Ние семејствата на загинатите, не бараме од државата сочувство и празни зборови, туку бараме да обезбеди вистинска, целосна и праведна разрешница. Секој пто сноси одговорност, независно од функцијата, позицијата или моќта, мора да биде изведен пред лицето на правдата, изјави мајка на загинато дете.

Човечкиот живот нема цена, а нивната загуба не може да надомести и затоа овој случај мора да има правен и правичен епилог.

- Ако институциите дозволат оваа трагедија да заврши во тишина, ако не ја исполнат својата должност, тогаш испраќаат порака дека животот на нашите деца не значел ништо, а тоа ќе значи втора неправда, уште поголема и потешка од првата, додаде мајката

Родителите истакнаа дека никогаш нема да престанат да бараат правдина и одговорност, а маршот го завршија онаму од каде што започна, во Паркот на револуцијата, носејќи фотографии од своите прерано изгубени деца и транспаренти со пораки кои постојано ги упатуваат до институциите.