Македонија
24. August 2025 - 16:53

Пожарите стивнуваат, штетата дополнително ќе се утврдува

Пожарите кои изминатите 2 месеци беснеаа ширум државата полека стивнуваат. Генерално гореше нискостеблеста и деградирана шума, а противпожарните единици во соработка со ЦУК успеаја да спречат пламените јазици да зафатат поголеми површини со даб и бука. Од ЈП „Национални шуми“ велат дека се уште не можат да излезат со конкретни податоци за тоа, колку хектари се опожарени и колкава е материјалната штета, но во секој случај ќе биде помала од лани.

- Ако минатата година имавме една бројка од над 5 милјарди денари штета, оваа година тие штети би биле неколкукратно помали. Во моментот се уште се прават опсервации за тоа какви површини беа зафатени со шумските пожари, меѓутоа ќе кажам дека штетата ќе биде многу помала за разлик од лани, изјави Кире Михаилов,  ЈП „Национални шуми.

Според Михаилов, системот за превенирање ги дал посакуваните резултати. Минатата година во јули и август биле евидентирани 163, а годинава во истите месеци  регистрирани се 93 пожари на отворено. 

- Сите оние институции кои превенираат појава на пожари, сите оние институции кои по рано детектирање се појавуваат на самиот пожар, иако не е релативно мала бројката што ја имаме, придонесоа површините кои се зафатени во однос на она што било во минатото се релативно помали и доколку не беа пожарите во Дојран, на Готен и Јасен, кој до пред некој ден беше се уште активен, бројките ќе беа реалативно многу, многу помали, додаде Михаилов

Пожарот кој ја зафати планината Готен беше најтежок за гаснење, а на екипите за гаснење им беа потребни 2 недели за целосно да го локализираат, за што на терен имаа помош од пожарникари и доброволци од Словенија, а од воздух гаснеше чешкиот хеликоптер Блек хок.