2024 година носи нови трошоци и правила
Од денеска нова цена на струјата. Потрошувачите во првиот блок ќе плаќаат поевтино за 5,16%, за втор блок и евтината тарифа останува иста, а благо покачување има во третиот и четвртиот блок од 2,88%, односно 1,86%. Овие цени се збир од цената на електричната енергија плус мрежарината.
Новиот надоместок за пренос и дистрибуција ќе чини 200 денари. Оваа ставка ќе важи за сите и ќе ја плаќаат и оние кои имаат празни станови, куќи и викендици. Новиот додаток се воведува за да има фер распределба на трошокот на мрежа меѓу редовните корисници и оние кои повремено ги користат објектите.
Освен нови сметки за струја, дел од граѓаните ќе плаќаат и нови повисоки сметки за вода. Неколку општини веќе ги донесоа измените, па така за прилепчани цената на водата ќе биде повисока за 33%, а поскапо ќе плаќаат и битолчани.
Поскапуваат и цигарите. Согласно измените на Законот за акцизите усвоени во октомври лани, цигарите, пурите, несогорливите тутунски производи и течноста за електронски цигари ќе поскапуваат секоја година на 1 јануари. Цигарите ќе поскапат за 5 денари по кутија, а Владата очекува да има зголемување на приходите во буџетот за околу 13 милиони евра годишно.
Се симнува границата за плаќање на стоки и услуги во готовина. Од денеска, во кеш ќе може да се плаќа најмногу до 2.000 евра. Ограничувањето се однесува на плаќање што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги, доколку со друг закон не е поинаку уредено. Забраната не се однесува на приредувачите на игри на среќа.
Општините ќе добиваат повеќе пари од даноците кои ги собира државата. Процентот кој ќе оди кај Општините по основ на персонален данок ќе биде 6 отсто. Поголем процент од парите кои државата ќе ги собере од ДДВ, исто така, ќе се даваат на Општините. Наместо досегашните 5 и пол, во 2024 ќе бидат шест отсто.
Со измените на Законот за буџет, кои стапуваат во сила годинава, сите министерства, јавни претпријатија и сите друштва кои се во државна сопственост, ќе може да вработуваат без да добијат согласност од Министерството за финансии. Раководителите на државните буџетски институции сами ќе одлучуваат за новите вработувања во согласност со годишниот финансиски план и прегледот за вработувања. На овој начин, според Министерството за финасии, се децентрализира вработувањето во јавниот сектор, но и секој директор ќе одговара кривично доколку вработи некој без притоа да има пари за ново вработување.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
