Македонија
13. March 2025 - 19:44

50 години клиника за нефрологија – годишно на дијализа завршуваат околу 300 нови пациенти

Двајца пациенти на дијализа добија органи од починат донор. Трансплантациите на бубрезите успешно се направени вчера на Клиниката за урологија. Кадавер чекаат уште 170 лица кои немаат сроден дарител. Во меѓувреме три дена во неделата по неколку часа седат поврзани со апаратите за прочистување на крвта. Вака веќе 24 години живее 72 годишната скопјанка Верче Пехчевска. 

- Мачно е и тоа како мачно. Три пати во недела што да кажам имаме и полоши пациенти дури и на 9 години со помагала одат на дијализа. Мачно е, но мора да се живее, вели Верче Пехчевска.

Годишно на Клиниката за нефрологија се дијагностицираат околу 300 нови пациенти чии бубрези откажале и мора да почнат со хемодијализно лекување. 

Ние во иднина треба да работиме што повеќе да го зголемиме бројот на бубрежна трансплантација, бидејќи бубрежната трнсплантација овозможува квалитетен живот, целосна социоекономска рехабилитација и исто така, изјави д-р Никола Ѓорѓиевски, директор на Клиниката за нефрологија. 

Нефрологија годинава од Фондот за здравство добила поголем буџет за да се зголеми заштитата и да се намали бројот на пациенти на дијализа.

- Буџетот и основниот и условниот на Клиниката за Нефрологија за 2025 година е зголемен за 30 проценти и е само почеток во подобрување на заштитата на нефролошките пациенти, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.

На светскиот ден на бубрегот во чиј фокус е раната детекција и превенција за да имаме што помалку бубреѓно болни Клиниката за нефрологија одбележува 50 години од основањето.