Македонија
27. September 2026 - 19:57

Средновековната кула на Беласица ќе стане дел од туристичката понуда на Ново Село

Средновековната кула на Беласица, која била користена и во времето на Цар Самуил, ќе стане дел од туристичката понуда на Општина Ново Село.

По извршената конзервација од страна на струмичкиот музеј, локалната самоуправа најавува целосна реконструкција и ставање на кулата во функција за туристите.

Станува збор за масивен објект со квадратна основа од 10 на 10 метри и ѕидови дебели до три метри. Според археолозите, кулата датира од 5. и 6. век, а подоцна била дел и од одбранбениот систем во времето на цар Самуил.

Од општина Ново Село велат дека со реконструкцијата ќе се збогати туристичката понуда, која покрај водопадите и изворите, ќе понуди и можност за запознавање со историското наследство на овој крај.

Според планот, по реконструкцијата во внатрешноста на кулата ќе биде поставена и музејска поставка. Преку неа посетителите ќе се запознаат со историјата на објектот и значењето на Беласичката битка.