Македонија
3. August 2026 - 16:37

6 нови сомнителни случаи на западно-нилска треска

6 нови сомнителни случаи на западно-нилска треска се хоспитализирани на Kлиниката за инфективни болести. Расте бројот на пациенти кои се јавуваат на клиника со воспаление на мозокот за кои сомнежот е дека се последица на оваа инфекција. Се прават дополнителни испитувања но според клиничката слика и симптомите со кои се примени во клиниката укажуваат на западно нилска треска која ја пренесуваат заразените комарци. 

На инфективната клиника со лабораториска потврда за западно-нилска се 10 пациенти од кои тројца се уште се на одделот за интензивна нега. 

Во соопштението од Mинистерството за здравство за епидемиолошката состојба е наведено дека нема нови потврдени случаи, до Институтот за јавно здравје велат не се пристигнати нови лабораториски потврдени случаи. Последните примероци од суспектните случаи се негативни на PCR-тестирањето.

Исто така, на Клиниката за инфективни болести нема новопримени пациенти со сомнение за западнонилска треска. Од Министерството за здравство велат дека се во координација со надлежните институции и продолжуваат внимателно да ја следат состојбата. 

Инфекцијата не се пренесува од човек на човек, туку од убод на заразен комарец. 

Препораките од ИЈЗ до граѓаните се да нанесуваат средства кои ги одбиваат комарците, особено доколку патуваат во подрачја каде има ризик од вакви заболувања. Ваквите средства може да се користат во секој период од денот, во затворен и на отворен простор.

Комарците кои пренесуваат зараза се најактивни во текот на денот, особено во раните утрински и доцните попладневни часови, додека комарците кои ја пренесуваат маларијата се најактивни од самрак до изгрејсонце.

Годинава се регистрирани најголем број на случаи на западно-нилска треска, а освен оваа вектор пренослива болест, има и 8 случаи на маларија, денга и зика.