Абдуш Демири го помина комисискиот филтер за нов член на ДИК
Абдуш Демири го помина комисискиот филтер и со 10 гласа за е поддржан како предлог за нов член во ДИК. Официјално ќе ја добие оваа позиција откако за него ќе гласаат две третини од пратениците на пленарна седница. Кога ќе се одржи оваа седница, пратениците ќе се договорат на координација во понеделник. Демири е поддржан од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промени и беше единствен предлог, откако се повлече Зулфи Адили од Европската демократска партија.
ДИК работи без еден член повеќе од една година, откако Кренар Лога од Алијанса замина на министерска позиција. Поради превирањата за тоа кој треба да предложи член, албанската опозиција го бојкотираше парламентот. ДИК доцна синоќа одржа прва седница откако беа распишани изборите. Кампањата за претседателските избори ќе почне на 4 април, а граѓаните ќе гласаат на 24 април. Листите со кандидати за претседател, треба да се достават најдоцна до 19 март. Собирањето потписи за претседателските избори почнува 23 февруари и трае до 8 март. ДИК го усвои роковникот и за парламантарните избори, според кој кампањата ќе почне 20 дена пред изборите закажани за 8 мај, а листите со кандидати за пратеници треба да бидат доставени до комисијата најдоцна до 2 април.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
