ДУИ бара предвремени избори
СДСМ нема да биде алиби за предвремени избори иако партијата е подготвена за соочување со граѓаните вели Филипче.
Според него ВМРО-ДПМНЕ има апсолутна власт за да ги распише изборите кога сака, но тоа вели дека ќе се случи кога ќе снемаат пари.
Граѓаните не сакаат избори туку реформи и проекти, вели премиерот Мицкоски, но ако опозицијата побара, власта позитивно ќе одговори.
„Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме влада четири години, но доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира дека ние како кукавици нема да седиме настрана, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победиме“, рече Мицкоски
Од ДУИ ја поздравуваат иницијативата на премиерот и бараат итно распишување на предвремени избори.
-Конечно и премиерот разбра дека оваа состојба е неодржлива и дека на државата ѝ е потребен нов политички мандат. Владата го загуби легитимитетот да продолжи со европската изолација, влошувањето на меѓуетничките односи, нарушувањето на Охридскиот договор и слабеењето на застапеноста на Албанците во институциите. Затоа ДУИ бара изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување. Бараме во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата. ДУИ е подготвена. Да се распушти Собранието. Да се определи датумот. Да одиме на избори, е ставот на партијата на Ахмети.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
