Македонија
9. January 2024 - 16:38

Адвокатот бара куќен притвор за таткото на Вања

Одбраната бара куќен притвор за таткото на Вања. Адвокатот Туфегџиќ вели иако ниту една мерка не е оправдана за него, со куќниот притвор би се помогнало на семејствоот кое погодено од големата трагедија. Туфегџиќ тврди дека Александар Ѓорчевски се уште не е сослушан во обвинителството, вели исказ дал само во предистрага кога му е одреден краткотрајниот притвор.

- До надлежниот Јавен обвинител е доставена ургенција за постапување со оглед дека лицето има дадено исказ во прелиминарна фаза на предистрага кога му бил определен краткотраен притвор, за да биде повикано во фаза на истрага да даде целосен исказ со кој ќе појасни што видел, слушнал и со кои лица превземал дејствија со цел пронаоѓање на неговата ќерка во период од 27 ноември до денот на неговото лишување од слобода, воедно како, со кого и на кој начин ги обезбедувал и предавал видео записите на полициските службеници, како и за многу други прашања битни за целосно расчистување на овој настан.

Институциите молчат веќе неколку дена по објавените видео снимки за случајот Вања од српскиот политичар, кој тврди дека властите го наместиле таткото. Од Обвинителството велат доколку се утврдат елементи на кривично дело ќе преземат дејствија за објавените материјали. Апелираат лицата кои објавуваат вакви снимки да размислат за етичноста и за вознемирувањето што го  предизвикуваат кај семејствата на жртвите.

Истражната постапка е во тек. Јавниот обвинител ги спроведува истражните дејствија онака како што налагаат доказите и потребите на постапката. Лицето за кое покажувате интерес даде свој исказ уште на почетокот на постапката. За разлика од останатите осомничени, тој ја негираше неговата инволвираност и какви било сознанија за настанот.

Претходно од обвинителството кажаа дека овие снимки нема да и наштетат на истрагата. Како овие снимки паднале во рацете на српски државјани до денес нема одговор.