АЕК ќе додели одобрение за трет мобилен оператор на „ОНЕ Македонија телекомуникации“

На „ОНЕ Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор - ај - џи“ денеска (10:30) во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе му биде дадено одобрение за работа како трет мобилен оператор во државава.
„ОНЕ Македонија телекомуникации“ ја добива дозволата откако го уплати еднократниот надомест за трите фрекфенциски опсези, што се доделуваа со тендерот на АЕК, во вкупен износ од 8.020.003 евра. Со тоа компанијата може да почне со работа теоретски веднаш, односно да побара пристап преку мрежите на постојните оператори до изградба на своја инфраструктура.
„Фор - ај - џи“ во следниот период ќе инвестира повеќе од 100 милиони евра во развој на третиот мобилен оператор, најави сопственикот на „Фор ај џи“ завчера на средба со премиерот Христијан Мицоски, на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
- Граѓаните добиваат нова компанија, која ќе нуди мобилни услуги и компанија што, сигурен сум, ќе влијае позитивно во намалување на цените на услугите што мобилните оператори ги нудат за граѓаните во Македонија, рече премиерот Мицкоски во видео изјава, пренесувајќи ги најавите од раководството на „Фор-ај-џи“.
Еднократниот надомест за одобрението А1 што го уплати „Оне Македонија телекомуникации“ изнесува 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 1,5 милион евра, а за одобрението C1 - 2,32 милиона евра. Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и С1 ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението В1 - 8 години до 2033 година поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператора.
Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и за сеопфатната патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога Групацијата 4иГ, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година, официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски во изјава за медиумите тогаш оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од Групацијата 4иГ ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператора во земјата и намалување на цените за мобилни услуги.
На 22 април 2025 година Агенцијата за електронски комуникации отвори јавна расправа, која резултира со писмa за искажување интерес од „Оне Македонија телекомуникации“ ДООЕЛ Скопје, „Битстрим мобиле“ ДООЕЛ Скопје и од „е&ппф телеком груп Б. В“., а на 19 јули 2025 година донесе одлука за распишување јавен тендер со јавно наддавање за доделување одобренија за користење радиофреквенции од радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz.
Единствен квалификуван понудувач на тендерот беше „Оне Македонија телекомуникации“, а одлуката за избор на најповолен понудувач на тендерот беше донесена на 12 јануари годинава.
На македонскиот пазар моментно работат „Македонски телеком“ АД Скопје и „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните оператори „Лајкамобајл“ ДООЕЛ Скопје, „Мтел“ ДООЕЛ Скопје, „Роби“ ДООЕЛ Штип и „Греен телекомуникации“ ДОО Прилеп.
Заклучно со третиот квартал лани, бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 2.105.467. Резиденцијални припејд-претплатници се 833.089, резиденцијални постпејд 1.024.072, а деловни постпејд 248.306.
Според податоците на АЕК за третиот квартал лани, „А1 Македонија“ има 47,41 проценти удел во вкупниот број претплатници, „Македонски телеком“ - 46,68 проценти, „Мтел“ - 4,55 проценти, „Телекабел“ - 1,27 процент, а „Греен мобиле“ - 0,10 проценти. Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) во третиот квартал од 2025 година „Македонски телеком“ има удел од 49,49 проценти, „А1 Македонија“ - 48,58 проценти, „Мтел“ - 0,93 проценти, „Телекабел“ - 0,79 проценти, а „Греен мобиле“ - 0,11 проценти. Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) во третиот квартал имале 1.781.697 претплатници.
МИА
Ново на Сител
-

Власта обезбеди 2/3 мнозинство за Сејф сити и омбудсманот без СДСМ и ДУИ
-

СДСМ бара враќање на членот 353 од кривичниот законик кои сами го укинаа, за ВМРО-ДПМНЕ ова е лицемерно
-

Филков: Случајот со заѕиданите 350 илјади евра кај судија е симбол на неказнивост
-

Стојановска: Кога ДУИ лаже ние ќе кажуваме вистини
-

Вработените во Пошта протестираа за плати, додека објектот во кој работат пропаѓа од сите страни
-

Обоистката Петрушевска обвинува дека е незаконски суспендирана - директорот тврди се однесувала агресивно
-

„Оне Македонија телекомуникации“ формално стана трет мобилен оператор
-

Стопанската комора даде поддршка на Усје - од компанијата велат нема основ за нивна дислокација
