Македонија
10. јуни 2025 - 16:42

АХВ уништи 56 тони небезбедна храна годинава

Зеленчук со пестициди, нејодирана сол, бактерии во минерална вода, но и храна со изминат рок и со недозволени честички како стакло или метал биле откриени од контролите на Агенцијата за храна. И покрај зголемените санкции, небезбедна храна завршува на домашните  трпези. Само за една година АХВ уништи 300 тони храна која е штетна за консумација. Од нив, над 56 тони се од почетокот на годината. 

Една од најголемите уништени пратки содржела 207 тони храна од животинско потекло, додека дополнително се елиминирани 30 тони храна од неживотинско потекло. Генерално, во светот не постои храна која е стопроцентно безбедна, но македонските граѓани јадат релативно добри и неотровни прехранбени производи. Сепак, тие сигнализираат за проблеми поради непочитување на добрата хигиенска практика и ХАСПП стандардите, но се жалат и на продажбата на производи со поминат рок на употреба, на работа без одобрение, присуство на контаминенти во производите, сомнеж за труење со храна, нагмечена амбалажа и на производи со променети органолептички својства. изјави Оливер Миладинов, директор на АХВ.

На Светскиот ден на безбедна храна бројките покажуваат дека секој 10-ти човек се разболува од небезбедна храна, 420 илјади лица годишно умираат од последниците со консумирање на ваквата храна, додека за лекување на болести поврзани со небезбедна храна, годишно светот троши по 15 милијарди долари.

Од денеска АХВ забрани увоз на пилешко месо од Бразил, поради појава на птичји грип, а од пред 5 дена забранет е увоз и тразнит на живи домашни животни, како и нивно месо и преработки од месо од Албанија. Во областа Кастриот, на фарма со 200 кози има појава на ново жариште на чума, по регистрираниот прв случај во Скадар.