Македонија
26. December 2025 - 16:32

Ако бадентерот влезе во Уставен, граѓаните да заборават на правна држава, а власта да го затвори судот

Ако бадентерот влезе во Уставниот суд, граѓаните може да заборават на правна држава, а власта може да стави клуч на врата на институцијата. Вака првиот човек на судот Дарко Костадиновски одговори на барањето на ДУИ, Уставниот суд да носи одлуки со бадентерово мнозинство. Костадиновски вели, бадентерот е корисен механизам, но неговото место не е во Уставниот суд.

Костадиновски уверува дека на почетокот на следната година Уставен ќе решава и за судбината на Законот за употреба на јазиците, за кој вели дека во моментов е најстар предмет во судот. Без разлика каква ќе биде одлуката, Костадиновски вели дека тие ниту даваат ниту одземаат нечии права, туку прават простор за граѓаните да добијат поквалитетно законско решение.

Собранието не го испочитува рокот на Уставен за донесување на нов Кривичен законик, додека за Изборниот законик воопшто не се ни потруди да ги пополни правните празнини. Костадиновски вели медениот месец за многу институции заврши, и уберува дека Уставен следната година ќе употреби и други механизми.

Со рекордни 306 оформени предмети годинава, Костадиновски оцени дека Уставен го положи тестот на професионално и независно работење.

Но, судот во моментов работи со намален капацитет, а Костадиновски завршната прес конференција ја искористи за да апелира до Собранието и Судскиот совет итно да изберат нови судии, а политичарите да покажат реална посветеност на владеење на правото.