Ако солидарниот данок падне на Уставен, парите од граѓаните ќе им се вратат на фирмите
Парите од Солидарниот данок се испланирани за антикризни мерки, а ако падне на Уставен, ќе им се вратат на компаниите. Вицепремиерот Битиќи вели дека во предлог буџетот за следната година има пари за тоа, но сепак не верува дека Уставен ќе одлучи во корист на фирмите. Овие пари, уверува вицепремиерот, се за пакет мерки за ранливите граѓани, кој ќе биде објавен деновиве.
- Јас кажав дека до овој момент има законска обврска за плаќање на солидарниот данок кој ќе се користи за антикризни мерки. За следната година бидејќи правиме проекции за буџетот, ќе има средстба за антикризни мерки и ако евентуално еве прејудицираме, дека може таква одлука да има, мислам дека имаме доволно средства испланирани во буџетот. Но, првично намената е за антикризни мерки. Ако има таква одлука тогаш ќе треба да им се земат од граѓаните и да им се вратат на компаниите што мислам дека нема да се случи, изјави вицепремиоерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
При кроењето на државната каса за следната година, не се предвидени пари за зголемување на платите, ниту на функционерите, ниту пак на административците. Но ги нема и кратењата за 78те проценти на функционерските плати. Постапката за најавеното намалување на нивните плати, Битиќи вели дека е сложена. Треба да се менуваат многу закони, но работна група бара начин да се најде решение.
- Всушност, се испостави дека не може со еден закон да се адресираат сите 1 260 функционери и дека се потребни седум измени во законите зашто, на пример, измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон што е противуставно. Работната група тоа веќе го гледа, од минатата недела. Сакаме системско решение и мислам дека Работната група наскоро ќе има предлог кој ќе биде доставен во Владата за потоа да се испроцесира до Собранието. Секако, тоа што го планираме во Буџетот за 2024 е со сегашните предвидувања, со одредени скратувања на обврски за следната година за зголемување на платите, додава вицепремиерот.
Инаку, до овој момент третина од фирмите го платиле солидарниот данок, Имаат рок до 24 овој месец да ги исплатат парте, во спротивно ќе се соочат со парични казни. Меѓу успешните, кои не платиле има и државни претпријатија, како Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
