Бизнис
4. April 2026 - 16:44

Владата утре ќе ја намали акцизата и ќе го задржи ДДВ на 10 отсто кај горивата

Акцизата кај дизелот ќе се намали за 4 денари., кај бензините за 2.  За да се спречи енормно поскапување на горивата од понеделник, премиерот Мицкоски  утре, на вонредна владина седница ќе предложи сет мерки. Меѓу нив и продолжување на намалениот данок на додадна вредност кај горивата на 10 отсто. Се преговара и со ОКТА, попуст да го продолжат и во следните 2 недели. 

- „Доколку го продолжат попустот од 3 денари за дизел, тоа ќе подразбира дека нема да има зголемување за дизелот, од онаа максимална цена која ја утврдува Регулаторната комисија, а за бензините, истотака 2 денари, тоа значи дека некаде околу половина денар ќе поевтинат и доколку ОКТА ги продолжи оние 2 денари за литар бензин, тоа значи дека ќе имаме повторно 2,5 денари поевтин литар бензин. Нормално, тоа ќе го афектира буџетот, ќе продолжиме и со мерката 10% ДДВ уште две недели, до крајот на оваа кризна состојба и потоа ќе ја следиме состојбата како ќе биде понатаму и така ќе реагираме“,изјави премиерот Христијан Мицскоски.

Ќе претстои тешка година и Владата мора да биде подготвена за да го заштити стандардот на граѓаните. Ако кризата потрае, ќе се намали и ДДВ на основните прехранбени производи  . 

- Министерството за финансии анализира сите основни прехранбени производи коишто се со 5%, да ги намалиме на 0%, да се практично без ДДДВ, но тоа е премалку споредено со вие мерки кои се похолистички пристап. Нашите прогнози и очекувања се дека ќе има продолжено дејство целата оваа криза, мора да се подготвиме за тешка година, но, како и да е, ние сме тука да ги следиме овие работи и да реагираме на приоритети, сите чинители. Се подготуваме за подолг период и потежок период и врз основа на приоритети така и ќе дејствуваме“,

Веќе е доцна за мерки, вели опозицискиот лидер Филипче. Граѓаните ја платија цената со купување поскап леб, масло  за јадење, млеко, брашно, овошје и зеленчук. Затоа ја повика Владата да прифати дел од она што СДСМ неколку пати го предложи:

- Оттука апелирам на две работи. Апелирам владата да се свести, премиерот да почне да живее во реалноста тука кај нас, да престане вака дилетантски да ја води владата, да барем малку се замисли, помисли како живеат граѓаните и да ги прифати нашите предлог-мерки, пакет на мерки, сега, иако е касно, колку толку ќе имаат некој ефект. 

Да ги прифатеше пред неколку недели, немаше да има вакви ценовни шокови за граѓаните, ниту пак други продукти и други сегменти ќе беа во ризик да поскапат цените, како што е тоа случај сега. Освен ДДВ-то за храна, за горива, акцизите за горива треба и преполовување на цените на патарините. И второ, владата сериозно да ги разгледа опциите за зголемување на државните резерви на нафта. 

 Инаку владините мерки ќе го чинат  буџетот неколку десетици милиони евра, вели премиерот.  Затоа веќе од мај ќе се крои ребаланс на буџетот, кој би се усвоил во  Парламентот во јуни.  Ќе се скратат непродуктивните трошоци, за да има повеќе пари  за помош на  граѓаните. Со тоа,  Мицкоски очекува инфлацијата наместо двоцифрена, сега да се движи  околу 4 до 5 отсто.