Алкохолот и брзото возење најчеста причина за сообраќајни несреќи кај младите
Сообраќајните несреќи претставуваат главна причина за смртност кај лицата на возраст од 15 до 19 години. Во Македонија само лани 26 лица не постари од 24 години го загубиле животот во сообраќајни несреќи. Како доминантен фактор за несреќите со фатални последици од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата ги наведуваат алкохолот и брзото возење. Со цел да им се укаже на возачите, а пред се на младите дека возењето под дејство на алкохол е опасно тие организираа симулација со помош на така наречените пијани очила.
-Денешната акција всушност има за цел со помош на пијани наочари да направи симулација на управување на моторно возило под дејство на алкохол со цел младите во услови на здрав разум да видат каква е нивната перцепција и какви се нивните способности за управување моторно возило под дејство на алкохол, вели Ристо Манчев - РСБСП
Имајќи во предвид дека ова е период и на голем број забави, во кои учествуваат младите, пред се матурантите, од полицијата и Републичкиот совет апелираат до нив, но и до родителите да бидат одговорни и на забава да не одат со семејните автомобили.
-Имајќи го во предвид и периодот кој што ни претстои и олабавувањето на мерките и протоколите од владата каде што се организираат прослави, забави, матурски прослави, јубилејни прослави и така натаму, апелираме до сите учесници во сообраќајот, особено до младите кои што се едни од нај ризичната категорија на учесници во сообраќајот да бидат внимателни, да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол и нашиот апел е ова лето безбедноста да им биде на прво место, вели Хризантем Рендевска - Началинк на отсек за превенција при СВР Струмица
Според официјалната статистика минатата година во сообраќајни несреќи на патиштата низ Македонија биле повредени над 5100 лица, додека 132 го загубиле животот.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар