Македонија
22. September 2025 - 16:38

„Амбикон“ го објави извештајот за загадувањето на воздухот во Трубарево: Податоците се неспоредливи со претходни параметри

Измерените концентрации може да се оценат за вообичаени во урбани средини. Ваков е заклучокот на Штипскиот универзитет откако го објавија извештајот на загадувањето на воздухот во скопско Трубарево деновите по големиот пожар во Фабриката за електронски отпад. 

Во извештајот опфатени се на присуство на ПМ 10 честички во деновите по пожарот. И тие мерења се во граници на нормалата.

Но Штипскиот универзитет ги мерел и вредностите на присуство на 29 тешки метали во воздухот. Мерењата биле на 50 и на 150 метри од пожарот. Податоците покажуваат највисоки вредности на Калциум, Силициум, Железо, Алуминиум, Сулфур, Цинк. Но овие податоци во суштина не кажуваат ништо. 

Државата предвидела дозволена граница на присуство на тешки метали во воздухот. Но само на мерења на годишно ниво. Поради тоа, податоците на Штипскиот универзитет се неспоредливи со претходни параметри објавни од Министерството за животна средина. 

- Немаме надминувања на масивните концентрации на цврстите суспендирани честички. Додека, пак, концентрациите, елементарните концентрации би можеле да ги оцениме како вообичаени за урбана средина. Односно, бидејќи не може да се направи споредба на дневните концетрации со годишните регулирани концетранции, крајно некоректно и несоодветно е да ја направиме таа споредба. Меѓутоа, не се забележуваат некои невообичаено високи концентрации на ниту еден од анализираните документи, вклучително и на регулираните метали, за кои верувам дека најмногу се предмет на интерес, вклучително никел, арсен, кадмиум, олово итн, вели ректорот на Штипскиот универзитет и раководител на лабораторијата „Амбикон“. 

Од Универзитетот Гоце Делчев велат дека воздухот во Трубарево веќе не е загаден. Оттаму предлагаат да се прави континуиран мониторинг на ПМ10 честичките во воздухот. Но тешките метали да се мерат само доколку се прават некакви ископи или чистење на просторот. 

А такво нешто допрва ќе се прави. Според наши информации, вештачењето од вештите лица на МВР се уште е не е завршено. Токму тоа вештачење ќе треба да открие дали пожарот во складот за електронски отпад бил подметнат или се случил сам од себе.