Свет
17. September 2026 - 8:57

Американската армија треба да е подготвена за борба околу Месечината, изјави главниот воен советник на Трамп

Американската војска во иднина треба да биде способна да дејствува не само во орбитата околу Земјата, туку и во просторот околу Месечината. Ова го изјави генералот Ден Кејн, началник на Здружениот штаб на американската војска и главен воен советник на претседателот Доналд Трамп.

Неговата изјава следеше откако САД за првпат јавно соопштија дека имаат распоредено оружје во орбитата околу Земјата, без притоа да откријат кога точно било поставено.

Говорејќи на конференција, Кејн порача дека американските вооружени сили мора навреме да се приспособат на новите услови и да бидат подготвени за дејствување, опстанок и победа во широк просторен појас – од Земјата, па сè до орбитата околу Месечината.

Американската воена стратегија во вселената доби нова димензија во 2019 година, кога за време на првиот мандат на Доналд Трамп беше формирана нова воена гранка – Вселенските сили.

Според генерал-потполковник Грегори Генџон, командант на Вселенските сили, нивната мисија е да ги заштитуваат американските интереси додека човечкото присуство постепено се шири кон подалечните делови на вселената. Тој посочи дека припадниците на оваа служба мора да бидат подготвени и за можни конфликти во вселената и во близина на Месечината.

И Кина во 2024 година формираше сопствени воени вселенски сили, со цел да изгради капацитети за реагирање во ситуации што би можеле да претставуваат закана или криза во вселената.

Пекинг во вторникот повтори дека се залага за мирно користење на вселената, нејзина безбедност и спречување на трката во вооружување. Кинеските власти истовремено ги повикаа САД да ги прекинат, како што наведоа, зголемените воени подготовки во вселената.

Прашањето дали американското распоредување оружје во орбитата, како и евентуалното негово користење во близина на Месечината, би било во согласност со постојното меѓународно право засега останува отворено.

Договорот за вселената од 1967 година, кој го имаат потпишано и САД и Кина, предвидува небесните тела, вклучително и Месечината, да се користат исклучиво за мирни цели. Договорот исто така забранува поставување нуклеарно оружје во вселената и предвидува одговорност за државите доколку нивните вселенски објекти предизвикаат штета.

Темата за вооружувањето во вселената повторно доби внимание пред две години, кога американски извештаи објавија дека Русија развива оружје наменето за поставување во вселената.

По тие информации беа интензивирани и дипломатските напори во рамките на Обединетите нации за воведување дополнителни ограничувања на воената активност во вселената.

Русија стави вето на американско-јапонската резолуција со која сите држави би биле повикани да не развиваат и распоредуваат нуклеарно оружје и други средства за масовно уништување во вселената. Не помина ниту рускиот предлог со кој се бараше трајна забрана на сите видови оружје во вселената.

Во однос на Договорот за вселената, Генџон изјави дека американските Вселенски сили ќе продолжат со, како што ги опиша, безбедни и одговорни операции низ сите делови на вселената.

Сепак, тој не даде конкретен одговор за тоа каква е официјалната позиција на Вселенските сили и на американската војска во однос на употребата на муниција и ракети во вселената. Новинарите беа упатени прашањата да ги испратат до Пентагон, кој засега не одговорил на барањата за коментар.

Според медиумските извештаи, Генџон најавил и значително зголемување на бројноста на Вселенските сили. Планот е во следните четири години нивниот број да биде зголемен двојно, на приближно 25.000 припадници.