Македонија
11. May 2022 - 21:20

Анализа: Какви измени се потребни во Изборниот законик?

Изборниот и репрезентативен модел, гласањето на дијаспората, финансирање на кампањата.. Ова се само дел од правилата кои ќе треба да ги прецизира новиот изборен законик, сметаат експертите.. Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, вели дека, особено внимание треба да се посвети и на избирачкиот список..

„Елементи кои секогаш се предмет на дискусија кај ОБСЕ/ОДИХР е правото на граѓаните кои имаат лични документи со изминат рок. Јас сметам дека треба сите наши граѓани кои имаат државјанство, треба да бидат на избирачкиот список, а чинот на остварување на правото на глас да можат да го остварат само доколку имаат важечки личен документ. Значи на граѓанинот е правото дали ќе го имаат или не, не може да им го одземете правото на глас, не можете да им го укинете или да ги бришете од избирачки список доколку им истекол рокот на нивните лични документи“, вели Оливер Деркоски, поранешен претседател на ДИК.

Новото законско решение, според експертите, неопходно е да биде договорено меѓу сите политички партии.. Изработката на изборен законик, велат, не може да влијае во организирање на следен изборен процес..

„Дали сами по себе може да предизвикаат предвремени избори? Не, бидејќи тие се договараат и треба да има доволно време за да може да се спроведат и треба да бидат договорени со некаква транзиција. Можно е, изборниот законик кој ќе биде сменет, дури и да не важи за првите наредни избори, туку, да важи за изборите понатаму. Бидејќи, изборниот законик не треба да се менува пречесто бидејќи тоа создава дисбаланс на правилата за избори“, вели Петар Арсовски, Есксперт.

И екс претседателот на ДИК, Деркоски смета дека честите измени создаваат проблеми и веќе ја нарушиле структурата на постојниот изборен законик..

Министерството за правда, вчера најави дека почнува постапка за нов законик за избори, за како што велат, отстранување на забелешките кои ги има ОБСЕ/ОДИХР.