Анализа на ФЗО: Вештачки колк чекаат над 650 пациенти – лани имало зголемен број на вакви операции
Повеќе од 650 пациенти чекаат вградување на вештачки колк. Најголеми се листите на ТОАРИЛУЦ , во ГОБ 8 септември и Свети Еразмо во Охрид каде се прават речиси 70 отсто од вкупниот број на вакви интервенции, покажува анализата на Фондот за здравство. На Клинички се чека година и половина, во Охрид до 9 месеци, а од ГОБ 8 септември не дале податоци. Од друга страна во повеќе болници меѓу кои Куманово, Тетово, Струмица има вакви протези, ама нема пациенти.
Директорот на ФЗО вели дека колкови во државата има , а меѓу причините за одолговлекувањето на овие операции ги посочува реновирањето на хируршките сали и изборот на лекар.
- Во основа листата на чекање е најдолга во две институции, каде што имавме и реални проблеми со капацитетот на оперативните сали, меѓутоа делумно таму притисокот и листите се продолжуваат заради изборот на лекар. Изборот на лекар е важен, меѓутоа јас би апелирал на пациентите, во земјава немаме само тројца, четворица, пет хирурзи, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.
Лани во Македонија на околу 4000 пациенти им биле вградени вештачки колкови. Бројот на вакви интервенции е зголемен за 10 проценти во однос на 2023 –та и е во рамки на просекот како и во другите земји од Југоисточна Европа. Но, во државата се прават заначително помалку операции на колено.
- Сметаме дека има значителен простор за подобрување кај колена, за зголемување на број на интервенции, а кај колкови треба да работиме на скратување на времето на чекање. Иако морам да кажам дека времето на чекање за планирани операции на колкови во сите земји се релативно долги, рече Клековски.
За да нема прекин во снабдувањето со колкови, од Фондот препорачуваат болниците да ги распишуваат тендерите најмалку 4 месеци пред истекување на договорите и да се направи централен регистар на чекање за неитните операции кои би требало да се извршуваат за 3 до 4 месеци.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
