Андоновски: Во 2027 година очекуваме камен-темелник за националниот дата центар

Националниот дата центар е еден од врвните приоритети на Министерството за дигитална трансформација, а доколку процедурите се одвиваат според планираното, во 2027 година би можело да почне неговата изградба, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостување во вестите на Сител.
- Разговараме со неколку потенцијални кредитори, меѓународни партнери и тој ќе биде дел од реформската агенда и Планот за раст затоа што за него добиваме 30 проценти грант компонента. Локацијата ја избравме, таа е во близина на Скопје. Сега со Министерството за транспорт работиме на урбанизација на просторот. Да, се развива проектот, тече по сите чекори како што треба и сигурен сум дека во 2027 ќе успееме да го поставиме камен-темелникот - појасни Андоновски.
Говорејќи за интересот за приватни дата центри, тој посочи дека постојат разговори со потенцијални инвеститори, но оти државата нема да дозволи проекти кои би имале негативно влијание врз животната средина.
Во интервјуто Андоновски се осврна и на новата мобилна апликација „м Услуги“, оценувајќи дека таа претставува почеток на дигитална трансформација на јавните услуги.
- „м.Услуги“ е мобилна супер апликација и идејата е токму таа, сите услуги што државата ги нуди во моментот околу стотина институции, да бидат понудени на граѓаните на нивниот мобилен телефон за полесно да пристапат до услугите, државата да им биде поблиска, подостапна и поефикасна. Важно е да кажам дека оваа апликација е бесплатна за симнување, не е задолжителна, никогаш нема да стане задолжителна и никогаш нема да стане единствениот извор на информации или достапни услуги за граѓаните - истакна министерот.
Тој нагласи дека проектот вреден околу 1,5 милиони евра е финансиран преку грант од програмата „Дигитална Европа“ и дека за него не е потрошен ниту еден денар од државниот буџет.
Во однос на дигиталните лични документи, Андоновски рече дека е потребно време за законско усогласување за тие целосно да бидат прифатени од сите институции, но посочи дека системот нуди дополнителна сигурност бидејќи податоците се повлекуваат во реално време од МВР.
-Податоците во оваа апликација, за разлика од сите други, се влечат во живо од МВР. Што значи дека ако личната карта е блокирана, изгубена или пријавена за изгубена, или ако возачката дозвола има забрана, тоа во истиот момент ќе се покаже. Нешто што не е случај со пластичните картички - истакна Андоновски.
Говорејќи за заштитата на личните податоци, министерот оцени дека дигиталното решение обезбедува повисоко ниво на контрола од традиционалното користење фотокопии од лични документи.
-Јас тврдам дека се позаштитени отколку хард-копи документите затоа што никој од нас не знае ако во одредена институција сме оставиле фотокопија од лична карта, колку пати таа е прекопирана. Во оваа апликација ако го покажете кјуар кодот со вашите податоци, кога друг ќе го скенира со истата апикација, вас ќе ве праша дали дозволувате и ако дозволите тој ќе пристапи. Но вие имате и лог и информација точно во кој момент и кое лице пристапило до информациите - појасни министерот.
Андоновски информираше и дека интензивно продолжуваат преговорите со Европската Унија за воведување на моделот „роаминг како дома“.
-Последниве десетина дена гледам една многу сериозна динамика на процесот на преговарање. Постојано имаме комуникација со Европската комисија од повеќе различни страни, така што сум оптимист дека брзо ќе се заврши овој процес. Под брзо сметам до крајот на годината да успееме да ги финишираме преговорите и да ги донесеме измените на законите - истакна Андоновски.
Осврнувајќи се на вештачката интелигенција и нејзините можни злоупотреби, особено кај младите, министерот најави закон за употреба на вештачка интелигенција во текот на следната година.
-Ние веќе ја објавивме националната стратегија за употреба на вештачка интелигенција на ЕНР. Таа е достапна за консултации, еве ги повикувам и граѓаните да ја прочитаат, да коментираат. Наредната година ќе донесеме закон за употреба на вештачка интелигенција. Ние не создаваме наши големи јазични модели, не можеме да влијаеме на светот како се развива затоа што сме мал мала држава, но можеме да најдеме начин како тукашните модели да ги заштитиме, а да бараме од сите оние што споделуваат вести, портали, телевизии, било кој друг вид на медиум, да декларираат дека нешто што создале е создадено со помош на вештачка интелигенција за да превенираме ваков вид на злоупотреби - нагласи Андоновски.
Ново на Сител
-

„Роаминг како дома“ во земјите од ЕУ од следното лето?!
-

Тема на денот со Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација
-

Преглед на вестите од светот
-

Седница за пратенички прашања
-

Бланар од Скопје: ЕУ не смее да применува двојни стандарди кон земјите кандидати
-

Руската амбасада ги отфлра обвинувањата на АНБ за проруски хибридни активности и бараат објаснување
-

Истрага за злоупотреби со исплати на ФЗОМ, опфатен и поранешен директор
-

Нема сомнителни приливи од Србија во Македонија, тврди гувернерот на НБРМ, Славески
