Андоновски: Законски измени или промена на правилникот - мора да се разјасни што е платформа или што е креатор на содржини
Инстаграм домаќин, инфлуенсерот гостин. По вториот состанок со инфлуенсерите првиот човек на Министерството за дигитална трансформација најавува законски измени или промена на Правилникот на АВМУ со кој се регулираат инфлуенсерите. Целта е правно да се разјасни што е платформа, а што креатор на содржина.
„Има една недореченост во законот за АААВМУ кој што не прави разлика помеѓу платформа и креатор на содржини, не разликува што е тоа платформа како Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб и што е тоа креатор што ја користи оваа платформа, да пласира своја соджрина. Ќе видиме дали ќе треба да се оди со дополнителни менувања на правилникот, или, пак, ќе мораме да одиме со законска измена која ќе го разјасни овој дел за да бидеме на линија на тоа што се европски барања“, изјави Андоновски.
Со доза оптимизам по состанокот излегуваат и од Здружението на инфлуенсери, но со став дека се уште се против актуелниот Правилникот на АВМУ за нивна регулација.
„Правилникот во ваква форма е неприфатлив за нас и за таа цел бараме промена на истиот со јасна дистинкција кои се даватели на медиумски услуги по барање, а кои се креатори на дигитални содржини и регулација според европските практики на земјите членки. Ги истакнавме примерите кои можеме да ги следиме и побаравме од министерот Андоновски да ја продлабочиме дебатата, наместо да се носат одлуки во затворени врати“, велат од Здружението на инфлуенсери.
Следно, закажана е средба и со директорот на АВМУ, на која се очекува со Андоновски да утврдат кои промени се полесни.
Последно, од АВМУ се со став дека мора да постапуваат по актуелниот закон, се додека не биде донесен новиот. А според сегашниот, инфлуенсери со над 10.000 следбеници треба да се регистрираат во Регистарот, во спротивно им следува прекршочна пријава. Досега тоа го сториле само 11 лица, иако бројот на оние што заработуваат од Инстаграм и Јутјуб е многу поголем. Измените во медиумската регулатива беа донесени во јуни 2023 година, кога инфлуенсерите првпат беа формално препознаени. Законот беше изработуван токму со експерти на ЕУ и е според теркот на европските пракси.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
