Антикорупциска отвори нов предмет за Рашковски и Зеќири
Нови обвиненија им се закануваат на доскорешните генерални секретари на владата. Антикорупциска утврдила дека Рашковски и Зекири незаконски вработувале хонорарци, а тоа државната каса ја чинела близу 2,5 милиони евра. Комисијата за спречување корупција, смета дека со таквите постапки, двајцата секретари ја злоупотребиле функцијата и треба кривично да одговараат.
„Одговорните лица на генералниот секретаријат на Владата, генералните секретари, Драги Рашковски и Мухамед Зекири за време на извршување на нивната службена должност, сториле кривично дело, злоупотреба на злужбената положба и овластување, па, врз основа на претходно изнесеното, предлгам ДКСК да поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење до Основното јавно обвинителство - Скопје, против лицето Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на владата, како и против лицето Мухамед Зекири, исто така поранешен генерален секретар“, изјави, Билјана Ивановска, Претседател на Државна комисија за спречување корупција.
Според антикорупциска, незаконските вработувања во генералниот секретаријат на владата почнале од 2017та кога со авторски договори биле ангажирани 93 лица и нивниот број постојано растел. Максимумот бил постигнат во 2020та со вкупно 154 хонорарци. Антикорупционерите тврдат дека наместо изработка на авторски труд како што предвидувал законот, хонорарците работеле на организирање настани и преводи.
„ДКСК смета дека ваквата динамика на активностите, упатува на постоење на изразени недостатоци во планирањето на човечките ресурси во рамки на генералниот секретаријат. Дополнително, се остава простор за нерационално користење на буџетските средства при ангажирање на лица во рамки на секретаријатот“, изјави Ивановска, Претседател на ДКСК.
Во меѓувреме, Рашковски веќе седи на обвинителна клупа за системот за мерење на брзина и вработување хонорарци во владата. Зекири пак е втор месец во притвор поради сомнеж за криминал поврзан со договор за извршување консултантски услуги.
Пред комисијата за спречување корупција денеска се најде и новинарката Ејупи која неофицијално беше предлог за генерален конзул во Њујорк. Нејзиниот ангажман од Државното правобранителство и неколку општини, се бара да го истражува обвинителството, бидејќи антикорупциска утврдила дека целта на ангажманот на Ејупи, била таа да оставарува приходи. ОД ДСКС велат дека, инстиуциите имале вработени за услугите кои наводно ги извршувала новинарката.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
