Македонија
23. јуни 2023 - 16:45

Антикорупциска: Поднесувавме пријави и претставки, но или ги игнорираа или ги губеа

Предметите за Мерко на пинг-понг меч меѓу институциите. Антикорупционерите ја откриваат шемата на струшкиот градоначалник да е недопирлив за кривичен прогон. Во случајот, свој удел имал и Судскиот совет.

Уште пред четири години Комисијата за спречување корупција барала кривична за Мерко, откако купи скап автомобил за општината, но предметот три години патувал меѓу три обвинителства. А, дали струшкиот градоначалник ја злоупотребил положбата, се уште нема одговор. Случајот, „Ауди“, најпрво влегол во државното обвинителство, прошетал до обвинителството во Струга кое се прогласило за ненадлежно, па предметот заминал во рацете на Обвинителството кое гони криминал и корупција.

Таму, според последните информации на антикорупциска, случајот е од 2021та, а денеска и медиумите и комисијата за спречување корупција, добија идентичен одговор -  се испитува дали со купувањето на скапиот автомобил Мерко ја злоупотребил положбата.

Луксузното возило да се паркира пред општинската зграда, помогнал и судот во Струга. Го прифатил барањето на Мерко да го зголеми минимумот на блокираната општинска сметка, па илјадниците евра го довезле црното ауди за градоначалникот кој барал кожени седишта, вградена сателитска навигација и посебен еркондшн за секој патник. Олабавувањето на замрзната сметка го потпишал претседателот на струшкиот суд Ифет Бајрамовски во својот прв мандат. Антикорупциска поднела претставка до Судски, а по само еден месец советот го избрал за уште еден претседателски мандат. Две години антикорупционерите чекале рекација од Судски, па прашале до каде е постапката за струшкиот судија. Добиле изненадувачки одговор – во архивата на Судски немало таков предмет, а за наводната одговорност, делото било застарено.

Како исчезнал предметот за судијата кој овозможи Мерко да купи скап општински автомобил, Судски одговор најави за во понеделник зашто дел од службите биле на годишен одмор.
Според антикорупционерите, не било изненадувачки што институции оддалечени илјадници километри посочиле дека струшкиот градоначалник влијае врз судски случаи. Велат, одговорност побарале уште пред четири години, но се до денес, институциите не одговориле дали Мерко треба кривично да одговара, ниту дали претседателот на струшкиот суд ги пречекорил своите овлстувања..

Американскиот стејт департмент неделава Мерко го стави на црната листа на САД поради корупција и мешање во судски процеси. Судски пак најави дека ќе оди во струшкиот суд да провери дали градоначалникот на Струга влијаел врз судиите.