Аргентинскиот претседател Милеи нападнат со камења на предизборен митинг

Аргентинскиот претседател Ксавиер Милеи остана неповреден откако врз него синоќа беа фрлени камења за време на предизборен митинг во близина на Буенос Аирес, изјави неговиот портпарол, пренесува ДПА.
Милеи беше безбедно евакуиран од настанот во Ломас де Замора, сиромашно предградие на главниот град, изјави портпаролот Мануел Адорни на X.
Локалните медиуми објавија вести за судири меѓу поддржувачите и противниците на либертаријанскиот лидер, при што полицијата накратко приведе две лица, пренесе германската агенција.
Неколку владини претставници за нападот ги обвинија следбениците на „кирхнеризмот“, осврнувајќи се на политичкиот табор на поранешната претседателка Кристина Фернандез де Кирхнер.
Милеи подоцна објави фотографија на X на која се смее со својата сестра и генерален секретар на неговото претседателство, Карина Милеи, и пратеникот Хозе Луис Есперт.
Инцидентот се случува додека Милеи води кампања за неговата партија Ла Либертад Аванза пред локалните избори на 7 септември во покраината Буенос Аирес.
Судир имаше и во понеделникот на друг митинг во Хунин пред Милеи да добие можност да зборува, потсетува ДПА.
Милеи ја поларизираше Аргентина со длабоките мерки за штедење насочени кон намалување на долгот и ограничување на инфлацијата. Иако инфлацијата се намали и буџетот се избалансираше, многумина ги загубија работните места, а субвенциите за енергија и јавен превоз се намалени.
Неговата администрација, исто така, е оптоварена од корупциски скандал во кој е вклучена фармацевтска компанија која наводно платила мито за да обезбеди договори од повеќе милиони долари од агенцијата одговорна за грижа за лицата со попреченост.
Во аферата, се наведува, е вмешана и сестрата на Милеи, Карина, која се смета за клучен посредник во владата. Скандалот предизвика значително намалување на рејтингот на претседателот, потсетува ДПА.
МИА
Ново на Сител
-

Маглата не попушта, Штип 10 дена под аерозагадување
-

Илјадници светилки и најразлични новогодишни реквизити го осветлија Охрид
-

Преглед на вестите од светот
-

Изборот на Хоџа и Сали во среда пред пратениците
-

Владата утре ќе прогласи кризна состојба, за да се користи мазут од стоковите резерви
-

Тема на денот со Благоја Ралповски, претседател на КСС
-

80-годишнината МНТ ја прославува со сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето - Made in MNT“
-

Преглед на вестите од светот
