Македонија
20. September 2022 - 16:38

Арсовска и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема да бидат видени на заеднички настани

Градоначалничката Данела Арсовска вели не и е проблем да работи сама против сите. Откако ВМРО-ДПМНЕ-партијата која ја поддржа на локалните избори и откажа поддршка, ја обвинија дека одработува за СДСМ и коалицијата. Но и владејачката коалиција се оградува дека стојат позади скопската градоначалничка. Арсовска пак вели не ја интересира политика, туку само интересот на граѓаните кои ја изгласале да го води градот. Вели нема да престане да пркоси онаму каде се работи спротивно на принципите, а на сите директори им порача дека функциите не им се вечни.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак повеќе нема да праќаат градоначалници од нивните редови на настани каде присуствува Арсовска. Како една од причините ја наведуваат тоа што скопската градоначалничка не го удостоила со покана градоначалникот на Гази Баба при денешната промоција на проект во општината.

- Поради немањето на соодветна и нормална комуникација што треба еден градоначалник на Град Скопје да ја има за добробит на градот, како и поради неисполнувањето на обврските од ветеното од програмата „За модерно Скопје, поради кој и беше дадена довербата на градоначалничката Арсовска, но и нејзината силна инволвораност во сомнителни и криминогени зделки ВМРО-ДПМНЕ во целост се оградува од однесувањето на Арсовска и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката Арсовска.Нека и е честито новата коалиција на уценетата Арсовска и дезертерот Ковацевски.

Од СДСМ се уште бараат одговори од Мицкоски коа е неговата улога во тендерот вреден 136 милиони евра, за кој тврдат дека е причина за разидувањето на патиштата на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовска пак целосно се огради дека е нарачател на билбордите со ликот на Мицкоски кои викендов осамнаа низ Скопје. Од СДСМ потврдија пак дека тие стојат позади 25 билборди каде лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е претставен како шпицен градоначалник вмешат во спорниот милионски тендер.