Авионот на „Ер Индија“ се урна заради исклучен доток на гориво во моторите, покажува прелиминарниот извештај за несреќата
Прелиминарниот извештај за несреќата на авионот на компанијата „Ер Индија“, во која минатиот месец загинаа 260 лица, покажа дека три секунди по полетувањето, прекинувачите за гориво на моторите се префрлиле од позиција „вклучено“ во позиција „исклучено“, лишувајќи ги моторите од гориво.
Авионот „Боинг 787- Дримлајнер“ веднаш почнал да губи висина, покажува извештајот објавен од индиските истражители на воздухопловни несреќи.
На снимката од пилотската кабина, може да се слушне како еден од пилотите го прашува другиот зошто го исклучил горивото. Вториот пилот одговорил дека не го сторил тоа, се наведува во извештајот. Не е наведено кој го упатил повикот за помош непосредно пред несреќата, пилотот или копилотот.
На местото на несреќата, двата прекинувачи за гориво биле пронајдени во позиција „вклучено“, а во извештајот се наведува дека постојат индикации дека е направен обид за рестартирање на двата мотори кратко пред ударот.
И двајцата пилоти биле искусни, со вкупно околу 19.000 часа лет, вклучувајќи повеќе од 9.000 часа во „Боинг 787“.
Прелиминарниот извештај, исто така, не објаснува како прекинувачите можеле да бидат префрлени во позиција „исклучено“ на летот од 12 јуни од индискиот град Ахмедабад до Лондон.
Префрлањето на прекинувачот во позиција „исклучено“ ги запира моторите речиси веднаш. Оваа акција најчесто се користи за исклучување на моторот откако авионот ќе пристигне на излезната порта на аеродромот или во одредени итни ситуации, како што е пожар во моторот. Во извештајот не се наведува дека имало некаков вонреден настан што би барал исклучување на моторот.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Горан Минчев, министер за јавна администрација
-
Златни кратовски денови стартуваа со музичко шоу
-
Два активни пожари денеска - премиерот смета дека тие кај Скопје биле дел од организирана акција
-
Се зголемува бројот на обиди за ин витро оплодување на сметка на ФЗО
-
Златни кратовски денови стартуваа со музичко шоу
-
Реновираниот „Музеј на вода“ повторно блеска
-
Преглед на вестите од светот
-
Арсовска доби 24ч полициско обезбедување, ОЈО побара притвор за напаѓачот