Балканската рута затворена 4 години - приливот на мигранти зголемен
Иако веќе три ипол години “Балканската рута” официјално е затворена мигрантите од Блискиот истот во се поголем број транзитираат низ државата. Според податоците од Црвениот Крст лани имало 25.000, а за 8 месеци годинава 18.400 лица побарале помош од хуманитарната организација кога успеале илегално да влезат во земјава.
-Доаѓаат од Бангладеш, Авганистан, Пакистан, а последните месеци од 2019 повторно имаме лица од Сирија. Нешто се случува. Имаме раздвижување во Турција, на Грчките острови, во камповите во Грција и сето тоа резултира со зголемен број на лица кои транзитираат низ државата. За 8 месеци Црвениот Крст асистираше кај 18.400 лица. Сега е многу потешко и за хуманитарните организации и за самите лица кои транзитираат затоа што тие на некој начин се невидливи, а се многу поранливи, зошто поминуваат поголем дел од времето надвор во шуми, без вода, често пати се дехидрирани. Имаме доста интервенции на скршеници, за модринки кои веќе се инфицирани, изјави Сузана Тунева Пауновска, од Црвениот крст.
Од Црвениот Крст велат дека претежно се работи за мажи, но последните неколку месеци регистрирале и зголемен број фамилии на јужната и северната граница.
-Во последните неколку дена имавме навистина големи групи по 75-120 луѓе кои поминуваат и по неколку дена на северната и јужната граница чекајќи погоден момент да поминат преку гранизата и да продолжат. Во моментот финална дестинација е Босна и Херцеговина. Таму имаме 8.000 луѓе кои Црвениот Крст на Босна ги третира, додаде Тунева Пауновска.
Иако бројката од МВР е помала од онаа на Црвениот Крст сепак полицијата во првите 8 месеци успала да спрече 15.695 илегални преминувања на државната граница. Во истиот период биле спречени 49 обиди за криумчарење мигранти.
Според законот за странци на илегалците им се дава рок доброволно да ја напуштат државата, во спротивно ги депортираат од каде дошле или ги сместуваат во Центарот во Гази Баба. Таму во првите 6 месеци годинава престојувале 132 странски државјани, а 96 од нив побарале азил во нашата земја.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
